Слаткар за новиот албум: „Пајак ми ја крена колата во Белград додека снимав спот - фрливме пари колку за еден ручек“
- Детали
- четврток, 29 мај 2025
„Гледав документарец за Битлси кајшто кажаа дека Ленон и Макартни направиле албум за 2 недели. Па се „нафурав“ дека ако они двајца можат за 2 недели, јас сам можам за еден месец. Само, отпосле се сетив дека во тоа време Битлси не снимале спотови, туку само песни“, вели Слаткар за CRNOBELO.com, откако промовира 7 нови песни и спот за секоја од нив.
Марко Маринковиќ - Слаткар, пред само неколку дена објави нови 7 нови песни, кои се најдоа на неговиот нов албум „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“.
Секоја од овие песни доби и спот, а Слаткар ја направи промоцијата преку Јутјуб и онлајн музичките платформи, каде што неговата нова музика веднаш стана достапна за сите.
Тука се соработките со Тони Зен, на новата верзија на песната „Спушти се доле“, како и „Аритмија“ на која му гостуваат 2Бона и Лина Пејовска.
Но, публиката, на прва, како најмногу да ја прифати емотивната „Магдалена“, песна која Слаткар ја испеа со Некст тајм, а која за неполни 2 дена има над 120.000 прегледи на Јутјуб и бројни споделувања на социјалните мрежи.
За албумот, кои песни му се омилени на синот Моша и како останал без автомобилот во Белград, кога мислел дека му е украден, тој ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Колку време работеше на проектот, бидејќи не се само песните, туку сними и спотови за секоја од нив. Беше ли напорно да се спреми албумот?
Гледав некој документарец за Битлси и таму кажуваа дека Џон Ленон и Пол Макартни направиле албум за две недели.
Па се „нафурав“ дека ако они двајца може да направат албум за две недели, јас сам можам за еден месец.
Само, отпосле се сетив дека во тоа време Битлси не снимале спотови, туку само песни.
И навистина беше сè во 5 до 12, но успеавме да стигнеме.
Песните ги работеа Лазар Цветкоски, Иван Јованов - Ивајо и Цоби, а спотовите ги правеа Даре дете, Стефи флоу, Ник дизајн и Кристијан Теодоров (кој го сними спотот за „Магдалена“ и каверот на албумот), така што стварно имав добра екипа и за песните и за видеата.
И на крај стигнавме и го направивме самиот албум на време.
Има ли некоја анегдота по која ќе го паметиш снимањето на песните или спотовите?
Бев во Белград да ја снимам песната што ми ја правеше Цоби и плус спот за неа. Ама, пајак ни ја дигна колата додека бевме таму.
Станавме од спиење и не знаевме дали ни е украдена или ни ја зел пајак пошто сме паркирале на место што не треба.
Кога видовме дека сме ја оставиле пред нивното Министерство за финансии, малку се смиривме зашто знаевме дека ни е крената колата и дека треба да ја бараме во пајак служба.
Е, во Белград, колку ти е потешка колата, толку повеќе наплаќаат, така што, „фрливме“ еден здрав ручек на казната.
Какви се реакциите на публиката по првото преслушување на песните?
Уште не успеав да ги „пофатам“ реакциите, ко што ти спомнав сè беше во 5 за 12 и последните три дена не спиев, а откако излегоа песните и спотовите, јас само спијам, ха, ха.
Но, како и да е, мислам дека направивме добри ствари и мислам дека самиот албум е толку шарен, што секој може да си најде нешто по негов вкус.
Верувам дека им се допаѓа тоа што го направивме.
Еднаш ми кажа дека Моша не сака да ја слуша „Насмевка“ песната што му ја сними за роденденот, но што е со овие песни - која му е омилена?
На Моша во моментов му даваме да гледа цртани филмови само во недела, па не знам дали му се допаѓаат песните „50 евра“ и „Аритмија“ или сака да ги гледа зашто спотовите се цртани филмови.
Другите песни не му се свиѓаат, не се за него. Добро, мал е, ама не е па и баш фан на мојата музика, ха, ха.
Пред концертот во октомври, дали има планови за некој настап во живо, каде што публиката ќе може да ги чуе песните од албумот?
Да, ќе имаме неколку настапи летово. И мислам дека доаѓа време кога ќе имаме сè помалку настапи и концерти, а тие што ќе ги организираме ќе бидат на многу поголеми места.
Така што, публиката ќе има неколку можности да ги чуе новите песни во живо пред големиот концерт во Скопје.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





