Успешни Македонци низ светот: Инес Станковска прави силуети од хартија - учела од дедо ѝ во Париз, сега работи со светски брендови
- Детали
- недела, 31 август 2025
„Им имам направено силуети на Џенифер Лопез, Мајкл Даглас, Џон Траволта... Сум работела на настани на Vogue, Dior, Tour de France, но ништо не се споредува со свадбата во палата во Индија, каде со слонови ја земаа невестата, се славеше 5 дена и чинеше повеќе од 50 милиони долари“ - вели за CRNOBELO.com Инес, која со својот талент за правење силуети од хартија е ангажирана од најголемите светски брендови.

Инес Станковска (41) е родена во Скопје, но целиот свој живот го поминала во Франција.
Потекнува од уметничко семејство - сестра ѝ, татко ѝ, дури и дедо ѝ се занимавал со уметност и тоа на Монмартр, познатиот кварт во Париз каде што живеат и дишат сликари, музичари, актери...
И токму тој ѝ ја пренел на Инес тајната како од обичен лист, со помош на ножички, на направи хартиена силуета на личноста што стои пред неа.

Силуетите на Инес се толку популарни, а нејзиното име прочуено во цел свет, што таа денес патува насекаде и на настани организирани од бројни компании и познати брендови, прави силуети за гостите.
На нејзината листа се и Џенифер Лопез, Мајкл Даглас и многу други.
Но, за жал, поради договорите што ги потпишува кога ја ангажираат, таа не смее да споделува фотки, освен со посебна дозвола.
А, тие што може да ги покаже јавно, го споделува на својот профил, La Silhouettiste.
Кликнете на видеото за да го погледнете:
За животот во Париз, но и уникатната работа, со која се занимава и нејзината сестра Мелани, Инес раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Ти си родена во Скопје, но скоро целиот живот го помина во Париз... Кога замина во Франција?
Родена сум во Скопје, но првиот авион за Париз, моите родители ме качиле кога сум имала само 40 дена.
Моите родители живееле во Париз пред да се родам. Мајка ми е порасната во Париз, но татко ми го запознала во Скопје.
Уште пред да се родам, тие знаеле дека ќе живееме таму.

Во Франција те познаваат како La Sillhouettiste… Од каде љубовта да создаваш силуети од хартија? Како започна оваа приказна?
Дедо ми научил да сече силуети на Моммартр, заедно со уште неколку други уметници во 1960-тите. Тој имаше успех со таа уметност што ја практикуваше до последниот здив.
Мојот татко, пак, отсекогаш го интересирала уметноста.
Татко ми научил да прави портрети со помош на неколку уметници од Монмартр, а со кои го запознал мојот дедо.
Подоцна, под менторство на дедо ми, татко ми научил да изработува силуети од хартија.
Мојот татко сè уште работи на Монмартр - црта портрети на туристи, но прави и силуети кога ќе го ангажираат за некој настан.
Јас пак, одев во уметничко училиште и паралелно учев да правам силуети.
Почнав релативно брзо да ме викаат на настани, бидејќи бев прва девојка што сечеше силуети.
Имав таа суперѕвезда што за кратко време ме спои со најлуксузните брендови како Louis Vuitton, Hermes, Dior.
По неколку години ја создадов својата компанија La Silhouettiste, а денес во неа работиме заедно со сестра ми Мелани, која е исто така уметник за силуети, па и компанијата го смени името во La Silhouettiste&co.

На колку години почна да правиш силуети? И колку време ти требаше да ги научиш тајните на занаетот за силуетите да изгледаат совршено?
На 12-13 години почнав да се интересирам за овој вид на уметност, па почнав да прашувам како се прават.
На мои 17 години почнав сериозно да ја изучувам техниката на цртање, иако цртам цело време...
Имав 20 години, кога под менторство на мојот татко и мојот дедо, кои со децении работат за настани во Париз, почнав да правам силуети.

Колку е тешко да се „исече“ вистинска силуета, сите оние црти што се карактеристични за мажот или жената на кои им изработуваш силуета во моментот?
Веќе не чувствувам никаква тежина кога сечам некој профил, без оглед дали е машки, женски или на дете.
Сега, 20 години откако почнав, мојот мозок, моите очи и моите раце соработуваат заедно и јас како да работам по автоматизам.
А за самото сечење силуета не ми треба многу време, околу 2 минути.

Какви се реакциите на луѓето кога ќе се видат на силуетата?
Секогаш имаат одлична реакција. Знаат да речат „Вау“, „Неверојатно“, „Ова сум јас, се препознавам“, па понекогаш и јас чувствувам голема емоција поради нивните реакции.
Го обожавам тој контакт со луѓето.

Дали некогаш си работела на Монмартр или оние локации на кои се движат и творат уметниците во Париз?
Не, не сум работела таму каде што бил дедо ми каде што и денес е татко ми.
Јас работам само на настани низ цела Франција, Европа, па и во Азија, Блискиот Исток, ме викале и во САД.
Иако работам на големи настани со години, мислам дека не ми беше тешко да влезам во светот на Tour de France, Vogue, Dior.
Јас не направив ништо конкретно. Мислам, никогаш не сум барала сама да соработувам со никого.
На секој настан каде што работам, ме препорачуваат други…
Кога првпат ме ангажираа за Louis Vuitton, сите клиенти што беа таму се движат во истите кругови, и ми бараа визит-карта.
И така почнав да соработувам со Vogue, Festival de Cannes и слично.
Денес имам солидна репутација во луксузен уметник La Silhouettiste.

