Катерина Андова за битката со алопеција: „Никогаш нема да носам марами, сега кога ја знам слободата без нив“
- Детали
- понеделник, 22 септември 2025
„Кога имав околу 20 години, по користење многу масти и креми, косата повторно ми порасна. Но, по бременоста почна да ми паѓа и ниту еден лек не го спречи паѓањето. Па, во 2023-та повторно ја изгубив, но сега заедно со веѓите и трепките“, открива Катерина Андова која од тинејџерските години има алопеција.

Катерина Андова, која е родена во Демир Капија, а живее во Неготино, веќе две децении живее со алопеција.
36-годишната економистка, која работи како банкарски советник, вели дека направила куп тестирања кога почнала да ѝ паѓа косата, но не поминало долго пред да ја добие точната дијагноза.
Како млада девојка, чувствувала потреба да се крие под марами. Но, сега е самоуверена и инспиративна жена која е свесна за својата убавина и одбива да носи марами и перики.
Во интервју за CRNOBELO.com, Катерина зборува за нејзината битка со алопецијата, но и како заболувањето се одразило на нејзиниот живот:
Кога забележа дека ја губиш косата?
Косата прво почна да ми паѓа кога имав 15 години, за до 18 веќе воопшто да ја немам.
Кога доби дијагноза за алопеција и што ти беше најтешко да прифатиш во тој момент?
Дијагнозата ја добив скоро веднаш, бидејќи кога почнав да ја губам косата, најпрво следуваа еден куп прегледи и тестирања од кои се утврди дека не е поврзано со познат причинител, односно дека немам ниту алергија, ниту некој органски или надворешен фактор или што било што би укажало на постоење на некој друг проблем.
Па, во тој случај не остануваше ништо друго освен да ми го дијагностицираат автоимуното заболување алопеција.
Освен паѓањето на косата, чувствуваше ли некои други симптоми?
Не. Алопецијата, доколку е последица на некое друго заболување, тогаш ќе јавува и други пропратни симптоми, но во мојот случај, односно кога е како автоимуно, освен опаѓањето на косата нема никаков друг симптом.
Како ти се менуваше самодовербата со текот на времето? Дали носеше перики или марами и кога одлучи да престанеш да ги носиш? Дали целосно се откажа од нив или повремено носиш и сега?
Па, од моментот кога почна да ми паѓа косата и првиот пат кога ја изгубив на 18 години ми беше најтешкиот период.
Со оглед на тоа што ја изгубив косата во најкритичните години, во пубертет кога се менуваат многу работи, кога сакаш да се вклопиш во друштвото, а и во време кога искрено многу беше поинаку, кога не се зборуваше отворено на многу теми, јас бев таа што беше различна.
Се чувствував дека морам да се кријам и да ставам марами за колку што можам да не се издвојувам, бидејќи во тој период сè што сакав беше да се вклопам.
