Д-р Марија Спасова oд Струмица, специјализант по кардиологија во Бугарија: „Ретко ќе најдете специјализант наспан, одморен и платен“
Со какви заболувања се справуваш на работното место најчесто? И кои трендови во здравството се актуелни периодов?
Како специјализант по кардиологија, најчесто се среќавам со пациенти кои имаат артериска хипертензија, срцева слабост, исхемична болест на срцето (како ангина пекторис и миокарден инфаркт), како и разни типови аритмии.
Во последниве години, значително е зголемен и бројот на пациенти со метаболен синдром – комбинација на дијабетес, дебелина и покачени масти – што директно влијае врз здравјето на срцето.
Сè повеќе млади луѓе доаѓаат со покачен крвен притисок или срцева тахикардија, често поврзани со хроничен стрес, недоволна физичка активност и нездрав начин на живот.

Во кардиологијата, еден од најважните трендови е сè поголемата употреба на дигитални технологии – од паметни уреди што следат срцев ритам, до мобилни апликации што им помагаат на пациентите да ги следат симптомите и терапијата.
Се работи и на персонализирана медицина – адаптирање на терапијата според генетски профил и индивидуални ризици.
Покрај тоа, се става сè поголем акцент на превенцијата, а не само на лекувањето.
Раното откривање на ризик-факторите, здравата исхрана, физичката активност и редовните кардиолошки контроли стануваат сè поактуелни теми.

Кои се твоите замисли за иднината?
Си посакувам да се остварам како еден квалитетен кардиолог, којшто и клинички и духовно ќе допира до срцата на луѓето.
Долгорочно, се гледам како дел од еден модерен, интердисциплинарен тим кој користи нови технологии, но не ја заборава човечката страна на медицината.

Би сакала и да патувам, да посетувам конгреси, да учам од колеги од други здравствени системи и, ако има можност, да учествувам во проекти што поврзуваат знаење и пракса од различни земји.
Покрај клиничката работа, сè повеќе ме привлекува идејата за работа со студенти, како и дејност во областа на едукацијата и превенцијата – да имаме повеќе информирани пациенти, подобра здравствена култура и ран пристап до кардиолошка грижа.













©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело