Д-р Марија Спасова oд Струмица, специјализант по кардиологија во Бугарија: „Ретко ќе најдете специјализант наспан, одморен и платен“
Раскажи ни некоја најстресна и некоја најубава случка од работата во болница?
Најстресни дефинитивно се оние во коишто се губи млад пациент, и покрај сите направени напори од наша страна.
Морам да ви кажам дека болничките ходници и соби се неми сведоци и на убави случки, многу љубов и надеж.
Како најубава случка од последните неколку седмици (и таква што мене ми донела особена лична сатисфакција) е кога наговорив млада жена што го посети Ургентниот центар во нашата болница поради болка во градите да остане за хоспитализација, и покрај негодувањето од нејзина страна на почетокот и нејзината желба да си оди дома.
На крајот, инсистирањето излезе оправдано – коронарографски се докажа речиси целосно запушување на една од коронарните артерии и со поставувањето стент се избегна миокарден инфаркт.

Какво искуство беше волонтирањето во Скопје во период на ковид? Колку тебе како млада личност ова ти беше стресно и кои поуки ги извлече?
Тој период беше исклучително стресен за сите нас, од повеќе аспекти. Низ одделенијата се бараше рака повеќе за пружање постојана грижа на болните.
Мило ми е што заедно со дел од колегите бевме таму да ги потпомогнеме оние којшто со денови беа на првата линија од фронтот.

Најважна поука? Дека сè се случува за последен пат, без тоа да го знаеме или предвидиме.
За последен пат видуваме, прегрнуваме и зборуваме со некого… може утре да нема таква можност.
Затоа кога интеракцијата со некој знае да ми биде конфликтна, се запрашувам дали ако ова е нашата последна интеракција би била океј и во мир самата со себе? Ако одговорот е не, давам сè од себе „топката да се смири“.

Каков е животот во Софија? Какви можности нуди за една млада личност?
Како животот во секој друг главен град – побрз, подинамичен и побучен од оној во периферијата.
Софија е град што има што да понуди. На секоја улица има по нешто од различна епоха – римски остатоци, османлиски влијанија, социјалистичка архитектура, модерни стаклени згради.

За младите, Софија може да се пофали со одлични универзитети, стартап заедница во подем, уметничка и музичка сцена, фестивали, барови и креативни настани секој викенд.
Последните неколку години Софија стана популарен избор за место за живеење за странци од Европа, но и целиот свет, а тоа дава можност за „судир“ и запознавање со најразлични култури.

Позитивни vs. негативни страни на животот таму?
Позитивните мислам дека веќе ги спомнав. Сè ти е лесно достапно, добра инфраструктура, организиран транспорт, богат културен и ноќен живот. Многу меѓународни компании имаат канцеларии тука, што отвора работни можности и за локалци и за странци.
Негативни – загадениот воздух зимно време, паркирањето како хроничен проблем, кириите се доста повисоки во споредба со останатите градови, има пренеселени општини.

Како успеваш паралелно да учиш, работиш, патуваш? Која е твојата тајна?
Искрено, не би рекла дека има некаква магична тајна – клучот е добра организација, поставување приоритети и јасна мотивација.
Секој ден си го планирам однапред и се трудам да бидам флексибилна, но и дисциплинирана. Кога работиш или учиш со јасна цел пред себе, многу полесно е да се најде време и за останатите нешта – вклучувајќи и патување, кое за мене е извор на инспирација, но и начин за „ресет“.

Верувам дека сè може да се постигне ако човек е навистина ангажиран, си го познава темпото и знае кога да побара помош, кога да одмори, а кога да притисне напред.
И да – понекогаш е заморно, но задоволството што доаѓа од личен раст го надминува сето тоа.
