Даниела Панева помага на жртви на семејно насилство: „Една жена ја затворале во кочина, друга пријави по 35 години брак“
- Детали
- четврток, 06 ноември 2025
„Имав случај каде постара жена од рурална средина после 35 години насилство во брак конечно се охрабри да пријави и побара помош. Најчести пријавени случаи ми биле по повеќе од 10 години трпење насилство од сопругот. Досега имав случаи и на четири жени со високо образование, добро ситуирани, но со срам дека ако пријават - од другите во нивната околина ќе бидат осудувани“, вели Даниела Панева (52) од Свети Николе, по професија дипломиран правник, која нуди бесплатна помош на жртвите од семејно насилство.

Даниела Панева (52) од Свети Николе, по професија дипломиран правник, е претседателка на Организацијата на жени на општина Свети Николе (ОЖОСВН) и давателка на услуги за бесплатна правна помош на жртви на семејно насилство од 2005 година, па до денес.
Даниела е жена со огромно срце и жена која од петни жили се труди да направи промени во нашата држава и да ги заштити жртвите од семејно насилство.
Таа за CRNOBELO.com споделува:
Кои се најстрашните случаи на семејно насилство на кои сте посведочиле?
Како давателка на услуга за бесплатна правна помош на жртви на семејно насилство од 2005 година до денес 2025 година, од сведоштвата на жртвите, како еден од пострашните случаи е случајот со често затворање и ноќевање на жртвата во кочина (место каде живеат свињи), закани со нож дека јазикот ќе ѝ го пресече, а потоа ќе ја убие ако не молчи за насилството, жигосување по телото (на места каде не можат да се видат) со запалени цигари, силување, демнење на секој чекор и сл.

Колку години трпат семејно насилство жртвите, пред да побараат помош, и кои се причините за тоа?
Најмногубројни случаи на жртви кои имаат пријавено семејно насилство се со долгогодишно трпење насилство во брак.
Имав случај каде постара жена од рурална средина после 35 години насилство во брак конечно се охрабри да пријави и побара помош. Најчести пријавени случаи во нашата канцеларија за бесплатна правна помош, се со повеќе од 10 години трпење насилство од сопругот.
Најчести причини за непријавување на насилството се економската зависност на жртвата, страв дека ќе биде убиена ако избега од насилникот, немање поддршка од фамилијата (родители или деца), срам кај еманципираните жени (бидејќи во мала општина сите се познаваат…
Досега имав случаи на четири жени академки, добро ситуирани, но сепак со срам дека во очите на другите во својата средина ќе бидат осудувани и посрамени), а исто така не помалку е ставот на жртвите за непостоење на доверба кај институциите (што откога ќе пријави насилство? Што ќе преземат институциите? Каква ќе биде нејзината заштита, дали ќе биде заштитена од повторување на насилството од сопругот, дали институциите ќе се грижат за нејзина реинтеграција и рехабилитација? Дали ќе може да го продолжи животот во ненасилна средина без помош и поддршка од други?).

Какви случаи со демнење сте имале досега и каква разрешница доживеале?
Крајот на 2023 година имав пријавен прв случај на демнење преку социјалните мрежи. Иако не беше препознаено делото како деменење од страна на жртвата, дело кое тешко се докажува сепак жртвата беше одлучна да пријави ваков вид вознемирување со наша помош.
Првично, оваа жртва вознемирувањето го пријавила сама во полициска станица Свети Николе, но не била сослушана, со констатација дека немало животна опасност, така завршила пријавата, всушност не била и евидентирана.
При повторното дејствие со вознемирување од истиот демнач, делото пак беше пријавено во полицијата, но овојпат со моја придружба, пријавата беше поднесена директно кај инспекторот, кој веднаш го препозна делото и истиот момент ја отпочна постапката со итни мерки за прекинување на демнењето.
По пријавување на случајот и со постапката од ОЈО, (од поднесување на налог од полициска станица Свети Николе до Основно јавно обвинителство и донесена осудителна пресуда за насилникот од страна на основниот суд Свети Николе), за неполн месец имавме прв решен случај на демнење во Свети Николе, а еден од вкупно два случаи (до тогаш) на демнење во Македонија.
фото: pexels
Колку често се случува семејствата на жртвите на насилство од страна на брачниот партнер да не им дадат помош?
Во досегашните случаи најчесто жртвите имаат поддршка од блиските, поретки се, но има и случаи каде жртвите немаат од никого помош и поддршка.
Колку и како успевате да се одделите од емоциите и емпатијата?
Емпатијата и емоциите се најтешкото нешто за мене што можам да се справам и со текот на годините како давател на услугата - емпатијата/емоцијата ми се слаба страна.
фото: pexels
