Д-р Бети К. Јорданоска, кардиоанестезиолог: „Ние го чуваме животот на пациентот додека срцето мирува во рацете на хирургот“
- Детали
- вторник, 25 ноември 2025
„Ние внимателно ја дозираме комбинацијата од лекови – едни за да го исклучат чувството на болка, други за да предизвикаат длабок сон, трети за да ги релаксираат мускулите и да овозможат хирургот да работи. Будењето е постепено – прво пациентот почнува да дише самостојно, потоа постепено ја враќа свеста. Во моментите кога пациентот се успива или се буди, мозокот е во преодна состојба меѓу свесното и несвесното. Тогаш често излегуваат искрени, понекогаш комични зборови или реакции“ - вели за CRNOBELO.com д-р Бети К. Јорданоска, кардиоанестезиолог.

Прим. д-р на мед. науки Бети Костадиновска Јорданоска е специјалист по анестезиологија со интензивно лекување, вработена повеќе од 16 години на Одделот за кардиохирургија при Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Во интервју за CRNOBELO.com, таа зборува за значењето на кардиоанестезиологијата, човечката страна на професијата и за предизвиците во справувањето со најтешките пациенти.
Сите прашања кои некогаш ве интересирале во оваа област, д-р Бети ги одговара и ни ја доловува одблизу својата професија.
Што точно значи да се биде кардиоанестезиолог – како изгледа еден Ваш работен ден?
Како кардиоанестезиолог, мојата работа е неразделно поврзана со најделикатните моменти од медицината – операциите на срце.
Мојата работа започнува пред да влезе хирургот во операциона сала и трае сè до моментот кога пациентот станува стабилен, безбеден и буден.
Ние сме тие што се грижат за виталните функции додека срцето е во рацете на хирургот – ги контролираме дишењето, циркулацијата, нивото на кислород, притисокот, како и реакциите на телото на анестетици.
Работниот ден е исполнет со постојана концентрација и одговорност – бидејќи секој миг може да биде пресуден.
Но, истовремено е и длабоко наградувачки – затоа што по сета таа неизвесност, гледаш како пациентот буден и стабилен повторно добива шанса за живот.

Колку е важно пациентите искрено да одговорат на прашањата пред операција?
Тоа е исклучително важно затоа што искреноста е основа на нашата безбедност.
Кога разговараме со пациент пред операција, секој податок – без разлика дали се однесува на пушење, на консумација на алкохол, на редовна терапија или на претходни заболувања – за нас е злато вреден.
Тие информации ни помагаат да избереме најсигурен начин на анестезија, да предвидиме можни компликации и да бидеме подготвени да реагираме.
Ако пациентот нешто премолчи, ризикот за време на операцијата е многу поголем.
Затоа пациентите треба да знаат дека искреноста не е поради љубопитност, туку заради нивна безбедност.

Дали постои „стандардна“ анестезија или секој пациент бара индивидуален пристап?
Анестезијата е секогаш индивидуализиран процес – никогаш не е еднообразен.
Кај срцевите пациенти тоа е особено важно, бидејќи секој организам реагира различно – зависно од возраста, тежината, срцевата функција и придружните болести.
Затоа внимателно се избира комбинација на лекови која обезбедува безболност, стабилна работа на срцето и белите дробови и сигурно будење по завршувањето на операцијата.
Ние внимателно ја дозираме комбинацијата од лекови – едни за да го исклучат чувството на болка, други за да предизвикаат длабок сон, трети за да ги релаксираат мускулите и да овозможат хирургот да работи.
Затоа велиме дека анестезијата е уметност исто толку колку што е наука.
Луѓето често се плашат од целосна анестезија. Дали навистина има причина за страв? Како изгледаат успивањето и будењето?
Стравот е човечки и природен – секој сака да знае што ќе му се случува во тие мигови кога ја губи контролата. Но денешната анестезија е дизајнирана за максимална безбедност.
Успивањето се одвива бргу и тивко: пациентот добива кислород, потоа лек преку вена и за неколку секунди влегува во сон што е длабок и безболен.
Во текот на операцијата, ние постојано го следиме организмот и внимаваме сè да биде во рамнотежа.
Будењето е постепено – прво пациентот почнува да дише самостојно, потоа постепено ја враќа свеста.
Најчесто луѓето се изненадуваат колку мирно и незабележливо минува целиот процес.
