Д-р Бети К. Јорданоска, кардиоанестезиолог: „Ние го чуваме животот на пациентот додека срцето мирува во рацете на хирургот“
Дали може да се случи анестезијата да не „фати“ целосно?
Во модерната анестезија тоа е речиси исклучително ретко. Ние користиме специјализирани апарати кои ја мерат длабочината на анестезијата и веднаш ни даваат сигнал ако пациентот почне да „излегува“ од длабокиот сон.
Сепак, медицината секогаш признава дека телото може да реагира на необичен начин.
Затоа анестезиологот е постојано буден и присутен – за да реагира уште пред пациентот да почувствува нешто.

Има ли разлика во начинот на давање анестезија кај млади и постари пациенти, но и кај деца?
Да, постои разлика. Кај помладите пациенти организмот е поотпорен и побргу закрепнува, додека кај постарите мораме да бидеме повнимателни поради послабата работа на органите и почестите хронични заболувања.
Се приспособуваат дозите и се избираат побезбедни медикаменти за да се постигне оптимален ефект без ризик.
Кај децата, пак, секоја доза се пресметува прецизно според килограм и тука нема простор за грешка. Тоа бара огромна внимателност и искуство.
Пациентите често велат дека кажувале нешто смешно или имале чудни соништа за време на успивањето или будењето. Дали е тоа вистина?
Да, тоа е една од интересните страни на нашата професија. Во моментите кога пациентот се успива или се буди, мозокот е во преодна состојба меѓу свесното и несвесното.
Тогаш често излегуваат искрени, понекогаш комични зборови или реакции – некој зборува за семејството, друг за омилената храна, трет, пак, раскажува нешто што го сонувал.
Анестетиците понекогаш можат да создадат и живописни соништа, но тоа трае кратко и е безопасно.

Кои се најчестите нуспојави по анестезија?
Најчести се минливи тегоби – благ замор, лесна вртоглавица, сувост и чувство на гребење во грлото, поспаност или чувство на студ.
Сето тоа поминува за кратко време и е сосема очекувано.
Но за пациентите овие „мали“ последици можат да бидат и непријатни, па затоа ние секогаш ги објаснуваме однапред за да знаат што да очекуваат.
Колку е стресна Вашата работа како анестезиолог? Со кои предизвици најчесто се соочувате и што Ви е најтешко?
Работата на анестезиологот, особено во кардиохирургија, е исклучително одговорна и стресна. Ние сме тие што во буквална смисла стоиме помеѓу животот и смртта – секоја секунда, секое отчукување на срцето е во наш фокус.
Најголемиот предизвик е да се одржат смиреност и јасна мисла во моменти кога ситуацијата може да се промени за неколку секунди.
Тежината не е само физичка или интелектуална, туку и емоционална — затоа што зад секој пациент стои човечка приказна, семејство, надеж.
Но, токму тоа и дава смисла на сè – кога ќе видите дека пациентот повторно дише самостојно, кога ќе се разбуди по долга и ризична операција, тогаш целиот стрес се претвора во најчисто чувство на благодарност.

Како е да се работи со пациенти на интензивна нега? Зошто Вашата работа е од клучно значење?
Работата на интензивна нега е постојана борба, но и место каде што животот и медицината се во најтесен допир.
Таму пациентите се во најкритична состојба и нашата улога е да ги стабилизираме, да ги одржуваме виталните функции, да го следиме секој параметар и навремено да реагираме на најмала промена.
Кардиоанестезиологот во интензивната нега не е само лекар – тој е постојано присутен чувар на животот.
Тоа бара прецизност, брзи одлуки, но и човечка топлина, бидејќи таму секој пациент е во состојба на целосна ранливост и зависи од нас.
Но, истовремено, таму се создаваат и најголемите победи – кога пациент што бил во критична состојба постепено се враќа во живот.
Тоа е доказ дека упорноста, знаењето и тимската работа навистина спасуваат животи.
Работевте со пациенти што беа повредени во пожарот во Кочани. Колку беше тешко тоа искуство и каква беше Вашата улога во лекувањето како анестезиолог за овие пациенти?
Тоа беа навистина тешки денови. За нас, особено емотивен беше случајот на младата пациентка М.Т., која беше една од најтешко повредените во пожарот во Кочани.
М.Т. беше примена во нашата болница во исклучително тешка и животозагрозувачка состојба, со тешки изгореници на телото и главата, како и со инхалациска повреда од токсични гасови.
Пациентката беше хоспитализирана кај нас вкупно 139 дена. Лекувањето беше долготрајно и комплексно. Многу од ситуациите беа нешто што дотогаш ретко сме го сретнувале.
На почетокот се боревме за стабилизација на виталните функции и респираторна поддршка, паралелно се третираа изгорениците со современи методи, се превенираа и лекуваа инфекции, се обезбедуваше нутритивна поддршка, се воведуваше интензивна физиотерапија.
Особен акцент се даваше на секојдневната психолошка поддршка, не само за пациентката, туку и за нејзиното семејство, со цел да се справат со стресот, неизвесноста и траумата од тешките повреди и долгата хоспитализација.
Нејзината борба за живот беше инспирација за целиот медицински тим – секој нејзин мал напредок беше огромна победа за сите нас.

Ви влијаеше ли работата со овие пациенти приватно? Колку беше трауматично искуство и колку се важни стручноста и професионалноста, за воедно да се влее надеж кај нив и семејствата?
Неминовно е ваквите искуства да ве допрат длабоко. Кога денови, недели, па и месеци се борите за нечиј живот, тоа не може да остане само професионална рутина.
Го чувствувате секој пад, секое мало подобрување, секоја победа. Особено кога станува збор за млади пациенти – тоа носи тежина што не може да се опише.
Сепак, токму тогаш професионалноста е клучна. Ние мора да останеме смирени и фокусирани, бидејќи пациентите и нивните семејства ја црпат својата надеж од нас.
Нашиот збор, нашиот поглед, начинот на кој ќе објасниме нешто – сето тоа може да им даде сила да издржат.
За мене, највеличествен момент беше кога по сите тие тешки месеци, гледав како М.Т. почнува повторно да зборува и да се насмевнува.
Тоа е момент кога сфаќаш дека не си само лекар – туку сведок на човечката издржливост и на чудото на животот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело