„Омилен кинески специјалитет на Македонците е слатко кисело крцкаво пилешко, готвачите ни се од Кина“ - Силвија Лиу Димитриевска од „Ѕвезден Океан“
- Детали
- понеделник, 15 декември 2025
„Мојот сопруг е од Кина и од својата 14-та година професионално работи како готвач. Желбата да бидеме заедно беше мотивот и причината да отвориме кинески ресторан во Македонија. Најбарани оброци од менито се пелмени, слатко кисело крцкаво пилешко, суши и оризови нуделси“ – раскажува Силвија Лиу Димитриевска, сопственичка на единствениот кинески ресторан кај нас „Ѕвезден Океан“ кој постои 21 година.

Каде и да се најдете низ Скопје - во некој од трговските центри или во нивната главна локација во центарот на градот, ако ве привлече мирисот на крцкави специјалитети, лути сосови и свежо приготвени вок-јадења, голема е веројатноста дека сте токму пред „Ѕвезден Океан“.
Овој семеен бренд е единствениот кој нуди целосно автентична северно-кинеска кујна, пренесувајќи ја атмосферата и традицијата на далечната земја директно до македонските гости. Тие имаат лепеза од многуброен избор на специјалитети, подготвени од врвни мајстори од Кина.

За тоа како започнува приказната за „Ѕвезден Океан“ во Македонија, кои се омилени специјалитети на Македонците и што е најбарано од менито поразговаравме со Силвија Лиу, сопственик и основач на ресторанот:
„Нашата приказна започна како идеја на мојот сопруг, кој од својата 14-та година професионално работи како готвач. Желбата да бидеме заедно беше мотивот и причината да отвориме кинески ресторан во Македонија. Кога се запознавме, јас студирав, и тоа беше причината да останеме овде и да го започнеме заедничкиот живот. Планот беше по завршување на студиите да се вратиме во Кина, но толку многу се посветивме на нашиот бизнис што со тек на време природно ја заборавивме таа идеја.
Денес сме петчлено семејство — нашата ќерка има 20 години и студира во Кина, а нашите два сина имаат 15 и 11 години. Сите сме дел од фамилијарниот бизнис, кој ни е основен двигател, инспирација и секојдневна сила.
Во моментов имаме 4 локации - ресторанот кој што се наоѓа во центарот на градот, и 3 Fast Food – corners, во Skopje City Mall, Easte Gate Mall, и Ramstore Mall.“

Од каде го доби името „Ѕвезден Океан“ и што симболизира?
Името е всушност превод на името на мојот сопруг – Шин Хаи (Шин означува Ѕвезда) и (Хаи означува Океан). Симболизира бесконечност (Infinity).
Колку од јадењата се традиционални кинески и дали ги имате адаптирано за локалниот вкус?
Нашиот ресторан ја претставува северно-кинеската кујна која се карактеризира со лут и солен вкус која по случајност е слична на нашата храна, и затоа многу посетители се изненадени дека можат да ги консумираат специјалитетите без проблем.

Целото мени се состои од традиционална кинеска храна. Сите зачини и сосови ги увезуваме од Кина.
Кое јадење лично ви е најдраго вам и зошто?
Мене лично, најомилени ми се крцкавите специјалитети во луто-слатко-кисел сос, брокулата подготвена во вок и свежите салати. Она што најмногу ме воодушевува е чувството на леснотија по консумацијата на кинеската храна - и тоа што само по еден час повторно се јавува апетит. Токму затоа ја обожавам нашата кујна.
Ако некој првпат доаѓа во „Ѕвезден Океан“, што би му препорачале да проба?
Крцкаво јунешко месо во луто-слатко-кисел сос, јунешко со брокула и лукче, пржени пелмени, пржен сладолед, оризови нуделси со ракчиња, и уште многу други специјалитети.

Кои се три најбарани и најпродавани оброци во вашиот ресторан?
Пелмени (Dumplings), слатко-кисело-крцкаво пилешко, пилешко во грне, суши и оризовите нуделси.
Кои се ваши најчести гости – локалци Македонци, Кинези во Македонија, странски туристи?
Најчести гости се локалци – Македонци, кои морам да напоменам дека прв пат пробале кинеска храна во нашиот ресторан и до ден денес се наши верни посетители.

Дали имате кинески шеф-готвач или локален тим?
Имаме тим од 8 готвачи, исклучително Кинези – професионалци, со долгогодишно искуство во Кина.

Какви промени имате забележано низ годините кај вашите клиенти? Дали се менуваат често навиките и барањата?
Низ текот на годините имаме забележано дека нашите гости стануваат по отворени за промени, нови вкусови, специфични зачини и зеленчуци – што нѐ прави среќни. Сметам дека навиките се менуваат кога се зголемува довербата во квалитетот и стандардот на храната.

Ние сме во тек со сите трендови во Кина поврзани со кулинарството и не дозволуваме гостите да имаат барања – напратив, ние ги пречекуваме со изненадувања. Последните две години воведовме многу новитети во нашето мени кои нашите гости ги обожаваат.
Најчести нарачки за достава се нашите суши, пилешко со црни кинески печурки, кинеска салата, Spring Rols со месо, и Нуделси.
Кои се топ 3 десерти во вашиот ресторан?
Пржен сладолед, колаче со порака и карамелизирани ореви.
Што е најважно за вас кога станува збор за задоволството на гостите?
Сметам дека ние сме вистински амбасадори на кинеската култура во Македонија и секојдневно се трудиме да бидеме мост што ги зближува овие две култури. Токму затоа целиот нашиот инвентар е увезен директно од Кина, а ние навистина уживаме во реакциите на гостите кога ќе се воодушеват од автентичните детали.

Кога ќе слушнеме дека нашите гости се чувствуваат „како во Кина“ - тоа чувство е незаменливо и најголема потврда дека ја работиме вистинската работа.