Александра Јанева за сеќавањата на родниот град: „Секое учество на Струмичкиот карневал ми носеше нова еуфорија“
- Детали
- петок, 02 јануари 2026
„На 4km од Струмица, во планината Еленица има едно мирно, блажено место кое си го посетуваме во текот на цела година. За да се стигне до манастирот се оди по трим патека околу која има преубава природа - дрвја и мали водопади, но и она што сѐ поретко го имаме - чиста, природна вода од чешма“, вели Александра Јанева за CRNOBELO.com.

Пејачката Александра Јанева долго време живее во Скопје.
Но. Струмица е нејзиниот град - местото каде што се родила, пораснала, каде што направи свадба и од каде што носи прекрасни спомени кои секогаш ѝ го топлат срцето.

За нашиот серијал „За мојот роден град“, Александра ни откри кои се нејзините 5 омилени места и работи поврзани со Струмица:
Струмички карневал
Ова е многу забавна културна манифестација која Струмица ја прави интернационално препознатлива.
Дел од највозбудливите спомени од детството ми се поврзани со карневалот.
Неколкупати сум била учесник и секогаш под огромна импресија и еуфорија како дел од толпата која носи маски, игра, се забавува и во текот на тие неколку часа живее вон реалноста, во некој измислен свет.

Основното музичко училиште
Ова е можеби најважното место од мојот живот и не знам дали би била тоа што сум денес да не се развила таа љубов кон музиката уште од мали нозе.
Нема никогаш да го заборавам првиот професор по виолина, првите часови по виолина со почетнички, несигурни потези на гудалото кои звучеа ужасно, ха, ха.
На тогашните полугодишни и годишни концерти првпат се запознав со тремата и сфатив дека морам да научам некако да ја победам или барем да ја перципирам како мој пријател, а не непријател.
Поминав 6 преубави години во тоа училиште, таму ми се разви слухот, стекнав дисциплина и на некој начин ми го одреди правецот во животот од кој никогаш не сум скршнала.

