Сузана Хаџи Илиќ е модна бизнис дама со страст за патувања - ја сака модата и верува дека стилот е израз на личноста
Не сум жена која вложува во скапи креми и сложени рутини за убавина. Немам време за долги pampering сесии, а и по природа сум повеќе во машка енергија како што реков, не ми лежат некако многу женствените работи во поглед на негата.
Користам едноставна евтина крема, често купена од супермаркет, и тоа не секој ден.
Лицето го мијам со вода. Толку.
Верувам дека негата не значи 20 производи, туку конзистентност.
За мене, вистинската нега е: да излезеш средена, да мирисаш на убав, квалитетен парфем и став. Убавината не е во количината на производи, туку во самодовербата со која ги носиш.

Какви естетски корекции применуваш на себе? Што било најболно досега?
Како што веќе спомнав, не вложувам во скапи креми и долги рутини. Повеќе верувам дека негата на лицето кај жени на моја возраст доаѓа преку игла, отколку преку крема.
Правам минимални корекции на лицето – ботокс на чело и повремено хијалурон за освежување и контурирање. Таа рутина ја имам секоја година по еднаш, внимателно и во мали дози, колку да се задржи тонусот и свежината.
На телото никогаш не сум правела никакви корекции. Тоа ми е целосно природно.

Најболното од естетски процедури што сум го направила е филер во усни.
И мислам дека секоја жена ќе се согласи дека таму анестезијата не помага многу: боли до мозок. Инаку имам висока толеранција на болка, но тоа навистина боли.
Сепак, за мене естетиката не е трансформација, туку одржување. Треба да изгледам професионално, свежо и достоинствено – не поинаку од себе.

Како го започнуваш и завршуваш денот? Кои се твоите тајни за продуктивен ден?
Денот ми започнува рано. Не со мирно кафе, туку со обврски. Некогаш е маратон, некогаш спринт.
Го носам син ми на училиште, па продолжувам во канцеларија – состаноци, повици, координации, стратегии.
Работам во систем каде што нема простор за импровизација, па фокусот мора да биде максимален.
Во текот на денот се обидувам да украдам момент за кафе или краток ручек, но распоредот ретко ми дозволува луксуз на пауза.

Потоа повторно станувам мајка на прво место. Попладневните и вечерните часови се резервирани за кошарка.
Мојот син тренира професионално кошарка и спортот го сфаќа сериозно, како идна животна определба. Секој ден го носам на тренинг по два до три часа. Некогаш тренираат и по два пати дневно.
Често работам од лаптоп во спортската сала.
За среќа, таму се родија и нови пријателства – родителите на младите спортисти кои се претворија не само во пријателства туку и во дел од секојдневието.
Викендите се натпревари, индивидуални тренинзи, организација. Животот на родител на млад спортист подразбира многу откажувања. Но и многу гордост.
Ретко имам време за класични излегувања. Кога имам слободен викенд, се трудам да биде надвор од Македонија – кратко патување, нов град, нова енергија.

Што е твојата тајна за продуктивност?
Долга листа. И дисциплина да ја затворам.
Продуктивен ден за мене е ден во кој сум ги завршила сите обврски – и деловни и мајчински.
А мојата листа секогаш е долга. Но научив едно: животот е организација.
Колку е тешко да се балансира бизнисот со мајчинството?
Ќе бидам искрена – претешко е кога си сам. Баланс не постои, постои жртва. Особено кога си самохран родител.
Часовите во денот никогаш не се доволни. Постојано имаш чувство дека нешто чека.
Мораш да бидеш ултра експедитивен на работа – да ги завршиш сите задачи навреме, да испорачаш резултати, да бидеш фокусирана, концентрирана, со чиста глава.
А паралелно да знаеш дека дома те чека дете кое не смее да почувствува недостаток од родител. Тоа значи рани станувања. Непроспани ноќи.

Работа во доцните часови. Работа кога другите одмараат. Тоа значи и сериозна организација – план и програма за секој ден.
Сакам да бидам присутна мајка. Балансот не е магија – тој е одлука.
Јас верувам во едно мото уште од мала: „Што се мора – не е тешко“. Кога нешто мора да се направи, се прави. На овој или на оној начин.
И кога човек е дисциплиниран, кога си поставува јасна одлука дека може и мора, тогаш постигнува. Не е лесно. Но е вредно.

