Даница Стефаноска, фит мајка и модна дама со софистициран стил: „На патувања секогаш пакувам и елегантни чевли“
- Детали
- сабота, 02 мај 2026
„Мојот моден стил би го опишала како софистициран минимализам со доза на женственост. Не сум од оние што ќе жртвуваат удобност за изглед, но сакам и женствени комбинации што суптилно ја истакнуваат силуетата. Пакувањето за патување знае да биде предизвик, бидејќи сакам да сум подготвена за различни ситуации“ - вели за CRNOBELO.com Даница.

Даница Стефаноска од Скопје е Магистер по економски науки која работи во банкарски сектор, а најважна улога во животот ѝ е онаа на мајка, на нејзините две ќерки Јана (17) и Софија (11)
Вели дека тие ѝ се најголемата мотивација, инспирација и причина секој ден да се труди да биде подобра и како човек и како професионалец.
Има впечатлив моден стил, сака секогаш да е средена од глава до пети, независно дали е за на работа или за на патување, а е страстен вљубеник во патувањата.
Наоѓа време за себе и се грижи за својот изглед и покрај сите обврски, а CRNOBELO.com раскажува повеќе за балансот помеѓу тоа да се биде вработена мајка и жена која секогаш изгледа средено.
Даница Стефаноска за CRNOBELO.com вели:
„Јас сум личност што навистина сака елеганција во комбинација со удобност. Мојот моден стил би го опишала како софистициран минимализам со доза на женственост.
Сакам чисти линии, убаво скроени парчиња и комбинации што изгледаат средено, а сепак се пријатни за носење во текот на целиот ден.
Преферирам природни ткаенини и квалитетни парчиња што траат. Не сум од оние што ќе жртвуваат удобност за изглед, туку верувам дека вистинската елеганција доаѓа кога се чувствуваш добро во тоа што го носиш.

Најчесто избирам основни неутрални бои, но и нежни пастелни тонови, бидејќи така многу полесно ги комбинирам парчињата и секогаш можам да создадам складна и елегантна комбинација без многу размислување.
Токму тоа ми дава слобода да играм со детали и додатоци. Сакам и женствени комбинации што суптилно ја истакнуваат силуетата, парчиња што го следат телото, но на еден софистициран и културен начин.
За мене таквиот стил не значи пренагласеност, туку самодоверба и чувство на мера. Верувам дека вистинската привлечност доаѓа токму од таа рамнотежа помеѓу елеганција, женственост и природност.

Во зависност од пригодата, знам да бидам и класично елегантна, но и сосема лежерна.
За работа преферирам поуредни комбинации, додека пак во слободно време сакам поопушен стил.
Сметам дека за една жена е важно да изгледа средено, не толку заради другите, туку заради сопственото чувство на самодоверба.

Елеганцијата не е тренд - таа е став. Не станува збор за брендирана облека, туку за уредност, почит кон сам себе.
Кога една жена е средена таа испраќа порака дека се цени себеси. Уредноста создава дисциплина, а елеганцијата остава впечаток кој трае.

Обожавам модни додатоци, тие што ја прават секоја комбинација посебна. Посебно сум слаба на чанти и чевли.
Исто така обетките ми се омилен детаљ, често со нив знам да „оживеам“ едноставен аутфит.

За подготовка за излегување обично не ми треба многу време. Најчесто ми се доволни 30-40 минути во зависност од пригодата.
Не излегувам од дома без основна нега, некој минимален шминкерски детаљ, парфем и уредна коса.

Кога станува збор за чевли сакам високи и рамни, сè зависи од денот и обврските. На патувања секогаш носам барем еден пар поелегантни чевли „за секој случај“.
Пакувањето за патување знае да биде предизвик, бидејќи сакам да сум подготвена за различни ситуации.
Се трудам да правам кобинации однапред, да носам парчиња што може лесно да се комбинираат меѓусебно. Искрено ретко успевам да се спакувам во мал куфер.
Но со текот на времето научив да бидам попрактична и да носам повеќе „универзални парчиња“.
