Љубовната приказна на Александра и Дамјан Дренковски: „Имавме врска на далечина, се венчавме во дворот на нашата куќа во Њу Џерси“
- Детали
- понеделник, 04 мај 2026
„На почеток не му кажав дека живеам во Америка. Толку не сакав да си одам, што двапати го продолжував билетот за враќање, но кога морав да заминам, си признав сè. Мислев дека тука завршува приказната и не верував дека врската ќе опстане. За брак воопшто не ни помислував“, вели Александра за љубовта со водителот Дамјан Дренковски.

Александра Огненовска (33) од Битола е актер, режисер и маркетинг менаџер. Таа живее во Њу Џерси со сопругот, Дамјан Дренковски (38), поранешен ТВ-водител и добро познато лице во нашата јавност.
Нивното запознавање било случајно, на настан на кој Александра не требала да присуствува, но се нашле на иста маса, и така некако почнува нивна приказна.
По неколку недели гледање во Скопје, Дамјан заминал да ја посети Александра во Америка и тогаш работите станале посериозни.

По година и пол врска по телефон, се венчале кон крајот на септември 2025, и тоа во дворот на куќата во која живеат во САД.
А за работите да не бидат „како подмачкани“ дури и на тој ден, венчаницата на Александра пристигнала вечерта пред регистрацијата.

За нивната љубовна приказна, Александра раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Кога се запознавте со Дамјан? Како почна вашата љубовна приказна?
Се запознавме во 2024 година, на Ромски бал во „Александар Палас“, на кој јас буквално се најдов сосема случајно.
Не беше планирано, ама очигледно било вистинското место во вистинско време.
Благодарение на мојот фризер и долгогодишен пријател Зоки Давитков, седев на иста маса со Дамјан…
Искрено, од таа вечер не очекував ништо сериозно - ама животот очигледно имал друг план.
Почнавме да се допишуваме, а бидејќи јас бев со „броени денови“ во Македонија, се видовме неколкупати... и така некако природно започна и врската.

Кој го направи првиот чекор?
Формално - тој. Прв ми пиша, а јас само му дадов простор, не се правев недостижна.
На почеток не му кажав дека живеам во Америка, знаеше само дека често одам таму.
Толку не сакав да си одам, што двапати го продолжив билетот за враќање назад.
Кога веќе морав да заминам, морав и да си признам сè.
Мислев дека тука завршува приказната. Наместо тоа, тогаш всушност почна.
Искрено, не верував дека врската ќе опстане. За брак - воопшто не ни помислував.
