Љубовната приказна на Тони од Македонија и Клаудија од Мексико: „Се запознавме на брод, ја обожава градината на мајка ми“
- Детали
- понеделник, 01 јуни 2026
„Работевме на ист брод, но нè разделија... Двапати патував со автобус 14 часа само за да ја видам. Кога ѝ раскажав како стигнав, ми рече веднаш да ја однесам во Македонија. Кога конечно дојде и ја виде градината на мајка ми, рече дека мојата мајка го живее нејзиниот сон. Ѝ се допадна и нашата клима“, вели Тони Арсовски (43) од скопско Миладиновци за саканата Клаудија.

Тони Арсовски (43) од Миладиновци, село во околината на Скопје, веќе 14-та година е во индустријата на бродови и има работено во различни компании и на различни позиции.
Моментално е IT офицер во бродската компанија „Viking“.
Неговата сопруга се вика Клаудија Флорес (36) и потекнува од малото место Las Choapas, во државата Veracruz, Мексико. Таа е доктор по неинвазивна естетска медицина.
Тони ја споделува нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Се запознавме на 28 октомври 2022 додека работевме заедно на бродот Norwegian Dawn.

Во тоа време работев за една многу интересна компанија наречена Park West Gallery, како дилер со уметнички дела и пловевме по Медитеранот.
Мојот тогашен шеф ме замоли да му направам фотосесија додека пловевме меѓу грчките острови затоа што ја заборавил својата камера дома, а јас ја донесов мојата на бродот.
Првично му реков дека не сакам да го направам тоа, но се премислив кога ми рече дека ќе ми плати.

Одлучивме да ја направиме фотосесијата на Санторини. Бродот закотви во Фира и, шетајќи низ улиците додека се обидувавме да најдеме соодветен превоз кон Oia, ја сретнавме Клаудија.
Таа го познаваше мојот шеф од претходен брод, каде што учествувале во заедничка активност со гостите, па така нè запозна сосема лежерно.
Таа беше таму барајќи SIM картичка за да има интернет во пристаништата, и откако го реши тоа, мојот шеф се обиде да ја убеди да ни се придружи. Таа не изгледаше многу сигурна, сè додека не спомнав дека ќе одиме да го посетиме местото каде што е сниман филмот „Mamma Mia“… и веднаш прифати.

На патот сретнавме уште двајца колеги од галеријата и сите заедно тргнавме кон Oia во стар Mercedes... Клаудија напред како единствена дама, а ние четворица мажи назад, најслабиот во скут.
Кога излеговме од таксито, таа ги плати 40-те евра за возењето, што таксистот се пошегува за девојките денес.
Го започнавме разгледувањето и токму кога стигнавме до местото со најдобар поглед, таа ги сретна своите колешки од СПА центарот на бродот и реши да се врати со нив.

Јас им реков на моите колеги дека треба да собереме пари за да ѝ ги вратиме, затоа што беше срамота: пред само неколку дена дојде да работи на бродот, сè уште немаше добиено плата и го плати таксито за нас.
Се понудив да ѝ ги вратам парите, бидејќи нејзината кабина беше веднаш спроти мојата.
Подоцна ми призна дека тоа многу ја изненадило, бидејќи не го паметела моето лице и не знаела зошто ѝ давам пари.

Неколку дена подоцна, бродот беше во Неапол и имавме вежба за евакуација. Веднаш потоа, сите вработени што беа слободни излегоа.
Клаудија и јас се сретнавме на скалите за излез и слушнав како луѓето од обезбедување ѝ рекоа „да не се изгуби повторно“.
Ја прашав на што мислат, и таа спомена дека во претходното пристаниште, на еден од грчките острови, се изгубила со една од девојките од СПА центарот и дека тоа било многу стресно искуство, па затоа била малку нервозна да излезе сама.
Јас ѝ реков дека можам да ѝ бидам водич, дека многу добро го познавам пристаништето и дека може да верува дека ќе се грижам за неа, бидејќи во војска бев на обука за граничар. Таа се опушти, па ја прашав што би сакала да прави.

Ми рече дека сака да проба вистинска италијанска пица. Пицеријата до пристаништето беше целосно полна, но ѝ реков да не се грижи, дека познавам едно место.
Беше малку нервозна додека ја водев низ тесни улици, полни со мотоцикли што поминуваат многу блиску, сè додека не стигнавме до шпанскиот кварт и виде дека има многу пицерии.
Седнавме во една и почнавме подобро да се запознаваме.

