Љубовната приказна на Јасмина од Струга и Никола од Охрид: „Ме запроси за време на лет над Босфор, на свадбата имав 3 венчаници“
- Детали
- понеделник, 29 септември 2025
„Првпат се запознавме со Никола на плажа во Охрид. Јас бев со другарка, а тој со другар и ни пратија пченки да нè почестат, сметал дека е поуникатно од пијачки (ха-ха). Никола ме побара за жена во Истанбул, а свадба правевме покрај Охридското Езеро“, вели Јасмина Попоска (37) од Струга за љубовната приказна со Никола Јакимоски (31) од Охрид.

Јасмина Попоска (37) од Струга, професор по англиски јазик и книжевност, работи веќе 15 години во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и Јавната библиотека во Струга како стручен соработник.
За својата професија и за себе Јасмина вели:
„Работата многу си ја сакам, бидејќи низ годините имаме организирано настани и активности кои ми овозможиле да остварам контакт и соработка со уметници, артисти, музичари, глумци, режисери итн.
Исто така, и како каталогизатор во библиотеката имам пристап до голем фонд на книги и многу сакам да читам“.

Нејзиниот сопруг, Никола Јакимоски (31) е од Охрид, а Јасмина вели: „Тој е седум години помлад од мене, но тоа не се чувствува (ха-ха)“.
Заедно живеат во Охрид во стан со голема тераса со поглед на цел Охрид и езерото и таму Јасмина вели дека во топлите денови многу често си собираат друштво и си уживаат во убавините на Охрид, посебно во зајдисонцата.

За љубовната приказна со Никола, Јасмина споделува:
„Првпат се запознавме со Никола на плажа во Охрид.
Јас бев со другарка, се сончавме и помина еден дедо што продаваше пченки, почна да ни дава сам од пченките, а ние не му имавме побарано ништо, ама тој ни рече дека тие ни се подарок од едни згодни дечки.

Малку се замисливме дали да ги земеме ама бевме некако гладни и ги зедовме.
Кога прашавме кои се тие дечки, тој се насмеа, не ни кажа и си замина.
Со другарка ми почнавме да јадеме и се смеевме таа викаше - кои се тие, а јас ѝ викав - чекај штом ни пратиле поздрав, тие нема да останат на тоа, ќе се јават сами.

По некое време, од езерото со пливање ете ги - Никола и другар му. Излегоа и ни пријдоа, прашаа како ни се допаднале пченките (ха-ха).
А нивната страна од приказната е дека прво кога нè виделе сакале пијачка да ни пратат, ама Никола шеговито рекол - сигурно секогаш им праќаат пијачка и сигурно никој досега не ги има почестено пченка.

Потоа, продолживме со комуникација на Инстаграм, од почеток прво бев малку скептична за разликата во години, но потоа сфатив дека си поминуваме супер заедно, Никола ме забавуваше, ме смееше, покрај него се чувствував опуштено и сигурно и некако неосетно се зближивме и започнавме со врска.

Тоа беше некаде пред 6 години, во тоа време видовме дека имаме иста замисла за нашата иднина и дека сакаме слични работи.
Со Никола, покрај другото, ја делиме страста за патувања, многу сакаме да патуваме. Во Македонија ги имаме посетено буквално сите градови и познати места, а имаме посетено преку 100 градови во Европа и светот.

