Љубовната приказна на Јасмина од Струга и Никола од Охрид: „Ме запроси за време на лет над Босфор, на свадбата имав 3 венчаници“
Запросувањето се случи токму на едно од нашите патувања во Турција, поточно во Истанбул.
Никола ме побара за жена точно на небото над Босфор.
Кликнете на видеото од запросувањето:
Претходно, утрината кога станавме, нешто ми беше сомнително, некои детали кај него, на пример 100 пати ми повтори да се спремам побрзо.
Јас се чудев зошто ме брза за прошетка, каде и да одиме тој никогаш не се грижи за времето, а утрината во Истанбул само коментираше: „Леле што му текна да е облачно, да не заврне“ и тоа неколкупати.

Јас си помислив што му е, што се загрижил за временските услови. А тој да имал организирано сè.
Само што се симнавме од хотелот, нè пречека шофер со лимузина и тогаш веќе знаев што следува, ама си помислив дека ќе одиме на ручек покрај Босфор, но лимузината го напушти градот и нè однесе на аеродром.
Времето се разведри, небото стана кристално сино, а таму со приватен авион полетавме. Кога бевме точно над Босфор, Никола го извади прстенот и ме побара за жена, ама покрај прстенот имаше смислено и порака која го направи чинот уникатен и на која се расплакав.

„Доколку имате само една можност да го погледнете светот, погледнете го од Истанбул“ – Наполеон Бонапарта
Без размислување ја искористив таа можност за повторно да ги погледнам твоите сини очи – МОЈОТ СВЕТ.
Никола на својата Јасмина, на небото над Истанбул септември 2024“, гласеше пораката.

После тоа, слетавме, па бевме и на крстарење по Босфор, ги средивме емоциите и по неколку часа ја споделивме убавата вест со блиските и си продолживме со одморот во Бодрум.

Свадбата ја направивме во ресторан во Охрид, покрај убавото Охридско езеро, во октомври.
Беше супер забава, дента не се грижев ама баш за ништо, бевме супер расположени и не престанавме да играме, сè се вклопи, и се создаде една убава енергија и атмосфера која ги понесе сите присутни.

Долго време после свадбата добивав пораки и честитки од луѓе кои убаво си поминале вечерта.
Околу подготовките за свадбата, сè течеше лабаво, знаев точно што сакам, како со музиката и декорацијата (понежни декорации во бела боја), така и со венчаницата (сакав нешто што е и безвременско и модерно едновремено).


Носев две креации од шпанската дизајнерка Тина Валерди (Tina Valerdi).
Едната беше изработена од тантела и украсни детали со 3Д цветови, кои даваа разновидност на елегантната силуета, а другата беше едноставна свилена венчаница лесна и лелеава.


