Драган Даскаловски, едукатор: „Карање дете со тантрум во јавност не помага, на 2 години треба да користи зборови и фрази“
Дали доаѓаат деца кои имаат потешкотии со социјализација – не сакаат да се вклучат во игра, се срамат да влезат во контакт со други деца? Како треба родителите да работат на овој проблем?
Да, многу често. Но важно е да се направи разлика. Не секое дете што не се вклучува веднаш во игра има проблем со социјализација.
Има деца што се повлечени по темперамент, им треба време да се опуштат и постепено се вклучуваат.
Но има и деца што не знаат како да влезат во игра, не ја разбираат динамиката, не следат што прават другите, имаат тешкотии со прилагодување и прифаќање туѓи интереси или едноставно немаат интерес за контакт.
Тоа се веќе ситуации што бараат внимание.
Родителите најчесто одат во две крајности. Или го форсираат детето со „ајде оди играј си“, или го оставаат само да се снајде, без насока. Ниту едното не помага.
Социјализацијата се учи исклучиво преку искуство. Детето треба да се води низ процесот.
Тоа значи потребен е постапен пристап - пократки и структуирани средби, игра со едно дете наместо во голема група, присуство на возрасен кој ќе помогне да се влезе во игра и ќе се повлече кога треба, да се почека ред, да се сподели, да се одржи вниманието и да излезе од игра.

Кои се најголемите грешки што родителите ги прават, а несвесно го забавуваат развојот на детето? Сте имале ли такви случаи?
Не би ги нарекол грешки, затоа што тоа дополнително ги оптоварува родителите. Денес има огромна достапност на информации, зголемена свесност и постојан притисок дека треба сè да се прави „правилно“.
Тоа лесно создава чувство дека родителството треба да биде совршено.
Но, тоа што имаме многу информации на располагање не значи дека сè треба да се применува, ниту дека секој совет одговара на секое дете.
Прекумерното анализирање, постојаното „дали правам доволно“ и обидот да се испочитува сè, често создава повеќе притисок отколку корист.
Од искуство, би издвоил неколку работи што најчесто го забавуваат развојот.
Прекумерна изложеност на екрани, особено во рана возраст.

Претерано структурирано време со многу активности, без простор детето само да истражува.
И сè почесто – недостаток на слободна, неструктурирана игра.
Детето не учи само кога некој го „стимулира“.
Учи и кога му е досадно, кога само ќе најде што да прави, кога ќе се обиде, ќе погреши и ќе проба повторно. Тој дел сè повеќе недостасува.
Имало многу ситуации каде родителите прават сè „како што треба“ – активности, играчки, содржини – а сепак детето има потешкотии.
Кога ќе се погледне пошироко, често недостига време за вистинска интеракција, спонтаност и едноставна игра.
Затоа не станува збор за тоа дали родителот прави грешки, туку дали има баланс.
Умереноста во пристапот, времето поминато во контакт со детето и просторот за слободна игра имаат поголемо влијание отколку било која поединечна активност.

Денес многу родители сакаат децата уште на 3–4 години да учат букви, да читаат или да пишуваат. Дали тоа е навистина потребно и дали треба ова да го научат пред да одат во училиште или да се остави да го научат во училиште?
Не би рекол дека родителите свесно го сакаат тоа. Начинот на живот, достапноста на огромен број „едукативни“ содржини и сè повисоките очекувања го наметнаа тоа.
Реално, воодушевува кога ќе видите дете на 3 години дека ги знае буквите, препознава зборови, знае странски фрази, управува со апликации, брои, препознава форми и бои. Но тоа што изгледа како напредно знаење, не значи дека детето е развојно подготвено за читање.
Читањето е сложена вештина што се гради со време. За да чита, детето треба да има добро разбирање на говорот, способност да задржи внимание, да слуша, да поврзува значења и да ја следи содржината.
Сметам дека децата во предоперационалната фаза, отприлика до 6-6,5 години, сè уште не се целосно подготвени за вистинско читање со разбирање.

Тие можат да препознаваат симболи и да меморираат, но тоа не е исто што и читање.
И ова не е само став, туку се потврдува и преку резултатите од меѓународните тестирања за писменост, каде што голем дел од учениците имаат тешкотии да го разберат текстот што го читаат.
Кога се оди прерано на букви и читање, често се прескокнуваат основите.
За децата на 3-4 годишна возраст, многу е поважно да имаат развиен говор, интерес за приказни, способност да слушаат, да почнат да ја развиваат фонолошката свесност, да поставуваат прашања и да се вклучуваат во игра и комуникација.
Буквите и читањето ќе дојдат. Ако основата е стабилна, детето ќе научи да чита без проблем.

Кои вештини детето треба прво да ги развие пред да почне да пишува и чита?
Дел од вештините веќе ги споменав, но како клучна за читањето би ја издвоил фонолошката свесност. Читањето не значи само препознавање букви.
Детето треба да разбере што е буква, што е збор, што е реченица, да препознава каде почнува и завршува текстот, да слуша и разликува звуци во зборовите, да препознава рими и да ја разбира структурата на јазикот.
Покрај тоа, потребно е добро разбирање на говорот.
Детето треба да разбира што му се кажува, да може да следи инструкција, да поставува прашања и да раскажува. Без тоа, читањето останува механичко.
Многу важни се и вниманието и самоконтролата. Детето треба да може да седи, да се задржи на задача, да слуша и да ја следи содржината.
Исто така, играта има голема улога, особено симболичката игра, затоа што преку неа се развива разбирањето и способноста за поврзување на работите во целина.
За пишувањето, покрај когнитивни вештини, потребни се и моторни вештини стабилност на телото, координација око-рака, контрола на движењето и издржливост.
Пишувањето не почнува да се вежба со земање молив во рака, туку многу порано, преку игра.

Што кога дете има силни реакции во јавност? Кое однесување на родителите е погрешно, а кое правилно? Дали треба децата јавно да се караат и понижуваат?
Деца на возраст од 2 до 4 години почнуваат да стануваат свесни за сопствените емоции, но сè уште немаат развиени начини како да се справат со нив.
За нив тоа се силни емоции кои најчесто се изразуваат преку телото – плачење, удирање, легнување на под, фрлање, нагли движења.
Секое дете тоа го манифестира на различен начин.
Во тие ситуации не постои едно „точно“ однесување што важи за сите деца. Пристапот зависи од детето, од ситуацијата и од причината за реакцијата.
Но има неколку работи што се покажуваат како корисни: родителот да биде присутен и достапен, да остане смирен, да не влегува во долги објаснувања во моментот кога детето е преплавено.

Карање и понижување во јавност не помагаат. Тоа не го учи детето како да се справи со емоцијата. Но тоа не значи дека треба да нема реакција.
Јасна опомена и соодветна последица за однесувањето се потребни.
Во последно време се забележува и друга крајност - избегнување на какво била опомена или последица, за детето да не се почувствува засрамено или фрустрирано, особено во група.
Но без овие емоции не може да се развие саморегулација. Детето треба да научи дека однесувањето има последици.

Важно е да се направи разлика помеѓу емоцијата и однесувањето. Емоцијата се прифаќа, но однесувањето се насочува.
Одбегнувањето на критика и пофалба, особено во група не е решение. Тие имаат свое место ако се соодветно поставени.
Проблемот настанува кога има понижување или фаворизирање.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com