Драган Даскаловски, едукатор: „Карање дете со тантрум во јавност не помага, на 2 години треба да користи зборови и фрази“
- Детали
- четврток, 23 април 2026
„'Ќе прозбори, и татко му доцна проговорил' - oва е една од најчестите и најопасни реченици што ги слушаме. Да, има деца што почнуваат да зборуваат подоцна. Но, не секое доцнење е безопасно. Пред да почне со училиште детето треба да разбира што му се кажува, да може да следи инструкција, да поставува прашања и да раскажува. Без тоа, читањето останува механичко. Детето не учи само кога некој го „стимулира“. Учи и кога му е досадно...“ - Драган Даскаловски, специјален едукатор и рехабилитатор, за CRNOBELO.com

Драган Даскаловски е специјален едукатор и рехабилитатор од Скопјe со повеќе од 15 години искуство во работа со деца со развојни тешкотии, особено во областа на аутистичниот спектар, раниот развој и раната интервенција.
Сопственик е на Центар за рана интервенција - Училница Даскаловски, каде се спроведуваат развојни процени, советување на родители, индивидуални дефектолошки и логопедски третмани, Томатис третмани и стимулација и поттикнување на комуникација, игра, моторика и самостојност кај децата.
Во работата применува сопствен структуриран протокол за аутистичен спектар, развиен врз основа на долгогодишно практично искуство, кој е усогласен со развојните одредници и се базира на постепено усвојување и надградување на вештините, прилагодено на индивидуалните потреби на детето.
Поразговаравме со него на повеќе теми, што значи процена кај дете, кога доцнењето со говорот треба да стане грижа за родителите, дали децата од мали години треба да се учат да пишуваат и да читаат, што треба да знаат да прават пред училиште, пристап со деца и многу други работи.
За CRNOBELO.com Драган Даскаловски одговара на прашања за развој на деца кои ги мачат многу родители:
Што точно подразбира поимот рана интервенција и зошто е толку важна за развојот на детето? Како родителите да препознаат доцнење во развојот?
Раната интервенција е начин на стимулирање на детскиот развој кога постои ризик од доцнење или развојни предизвици. Таа го опфаќа најкритичниот период од развојот - првите три години, иако во некои земји опфаќа деца до 6-годишна возраст, па и повеќе.
Суштината на раната интервенција е да го следи развојот на детето и да даде конкретни насоки на родителите како да го поттикнат развојот низ секојдневните рутини, со ресурсите што ги имаат на располагање.
Не се работи само за работа со детето во кабинет, туку за тоа што се случува дома, секој ден.
Кај нас, системско следење на развојот речиси и да нема. Освен педијатриското следење во првата година. Понатаму тоа најчесто зависи од родителите дали ќе препознаат и дали ќе побараат помош.
За среќа, сè повеќе родители доаѓаат и без конкретен проблем, само за да проверат дали развојот се движи во добра насока.

Денес се достапни голем број на информации и родителите многу лесно можат да ги следат развојните одредници, но тие не се доволни за да се процени дали развојот е со уреден тек.
За да се потврди ова потребно е да се гледа пошироката слика - комуникација, внимание, игра, разбирање, однесување, когнитивни способности, моторен развој.
Дополнително, екраните често создаваат погрешна слика. Дете на 2 години може да повторува фрази што ги слуша, дури и на странски јазик, но да нема функционален говор и вистинска комуникација.
Во следењето на развојот кај детето, родителите најчесто се водат по споредба со врсници или по совети од околината. Тоа е разбирливо, но не е доволно сигурен начин да се процени развојот.
Затоа мојата препорака до родителите е најдоцна по секоја помината година да направат развојна процена во компетентен центар за рана интервенција или ран детски развој.
Не затоа што може да има проблем, туку за родителите да имаат јасна слика за развојот на детето и доколку е потребно да добијат насоки.
Како изгледа првата процена кога родител ќе донесе дете во вашиот центар? Што да очекуваат родителите кои се плашат или срамат да ги однесат децата на процена и кој е вашиот совет?
Прво и најважно, развојна процена не е поставување дијагноза. Дури и кога постои сомнеж за одредено отстапување, прво се дава простор на раната интервенција.
Процената започнува со разговор со родителите и опсервација на однесувањето на детето, најчесто преку игра.
Се земаат предвид сите аспекти од развојот и секојдневието - од бременост и пораѓај, преку раниот развој, моторика, предговорни фази и први зборови, игра, интереси, рутини, релации, до навики како сон, исхрана, користење цуцла, воспитни обрасци, однесување, изложеност на екрани итн.
Паралелно со разговорот, терапевтот/тимот преку игра ги проценува достигнувањата на детето.

Врз основа на информациите од родителите и тоа што го забележуваме преку опсервацијата, родителите добиваат мислење и конкретни препораки за стимулација и промени во секојдневието.
Доколку постои сомнеж за посериозни отстапувања, се даваат насоки за понатамошни консултации со соодветни специјалисти.
Многу важен дел од процесот е што активностите не остануваат во кабинетот. Тие се прилагодуваат во форма на игра што родителите можат да ја применуваат дома, за да го поттикнат развојот во реални услови.
Нема потреба од страв, а уште помалку од срам. Процената не е етикета, туку насока. Колку порано се добие јасна слика, толку побрзо и поефикасно може да се реагира.

Кои се најчестите грижи и проблеми со кои родителите доаѓаат кај вас? Кој е најчест проблем кај нас?
Говорот е најчестата грижа поради која родителите се обраќаат кај нас. Тоа е разбирливо, затоа што по првата година родителите веќе очекуваат детето да почне да користи зборови, а околу втората година и кратки фрази.
Но, пред да се појави говорот, постојат многу други показатели што можат да укажуваат на развојно доцнење.
Не се гледа само дали детето кажува зборови, туку и дали разбира, дали воспоставува контакт, дали покажува, дали имитира, како игра и како реагира во комуникација.
Особено загрижува кога детето е изложено на екрани од најрана возраст, затоа што тогаш многу лесно се создава погрешна слика за неговите способности.
Детето може да повторува зборови или фрази што ги слуша, а всушност да нема функционален говор и вистинска комуникација.
Во пракса, многу ретко доцнењето во говорот е единствена тешкотија. Често заедно со него се забележуваат отстапувања и во други области од развојот, како груба и фина моторика, внимание, социо-емоционален развој, самостојност или однесување.
Покрај говорот, родителите често доаѓаат и поради тешкотии во комуникација, проблеми во однесувањето, тешкотии во социјализацијата, сомнеж за аутистичен спектар или проблеми со самостојноста.
Многу родители велат: „Ќе прозбори, и татко му доцна проговорил“. Кога доцнењето во говорот веќе не треба да се игнорира?
Ова е една од најчестите и најопасни реченици што ги слушаме. Да, има деца што почнуваат да зборуваат подоцна. Но, не секое доцнење е безопасно.
Не се гледа само дали детето кажува зборови, туку дали разбира, дали покажува, дали бара, дали воспоставува контакт, дали имитира, дали комуникацијата е жива и двонасочна.
Ако до 12 месеци нема бебешко „зборување“, ако на 18 месеци нема значаен напредок во зборови, гестови и имитации, ако на 2 години не користи зборови и едноставни фрази или јазикот е многу сиромашен, тоа не треба да се игнорира.
Дополнително, секогаш треба да се мисли и на слухот, затоа што оштетување на слухот може да влијае врз говорно-јазичниот развој.
Ако само се остави на времето да покаже, тоа е ризик, не е стратегија која ќе му помогне на детето.

Многу родители се загрижени кога детето не сака да држи молив, не сака да бои или има потешкотии со фина моторика. Дали тоа може да влијае и на понатамошното учење?
Сите области во развојот се меѓусебно поврзани и ретко кога една вештина припаѓа само на една област.
Држењето молив, на пример, не е само тропрстен фат. Зад тоа стојат телесна шема, доживување на просторот, планирање на движења, организираност, издржливост, координација, усогласување на поглед и движење, стабилност на телото, внимание и самоконтрола.
Тоа се вештини кои се развиваат постепено и бараат време, искуство и соодветни активности.
Од друга страна, фината моторика не се сведува само на држење молив.

Таа вклучува координирано користење на прстите во различни активности - манипулација со ситни предмети, користење на ножици, клучеви, капачиња, користење врвки, закопчување, прибор за јадење.
Ова се вештини што директно влијаат врз секојдневното функционирање на детето.
Кога детето има тешкотии во фината моторика, тоа може да се одрази и на понатамошното учење - особено во делот на пишување, завршување на задача, организираност и издржливост при работа.
Затоа е важно овие вештини да се развиваат преку игра и секојдневни активности, а не да се сведат само на работа со молив и хартија.