Добре (31) е Македонец роден во Швајцарија: „Мајка ми дошла тука на 14 години, дома и денес се зборува само македонски“
- Детали
- четврток, 07 мај 2026
„Се трудам барем еднаш годишно да дојдам на подолго во Македонија. Особено ми значи што со неколку пријатели практикуваме параглајдинг и поминуваме по околу еден месец во Прилеп, Крушево и Охрид“, вели Добре Угренов за CRNOBELO.com, кој има и свој успешен бизнис во Швајцарија.

Добре Угренов (31) е Македонец роден во Швајцарија, кој по професија е специјалист во безбедносниот сектор.
Неговите родители се родени во Македонија, но се преселиле во Швајцарија пред раѓањето на Добре и брат му.

„Роден сум во Швајцарија, каде што израснав и се образував, градејќи силно чувство за одговорност, ред и општествена стабилност.
Повеќе од 10 години сум активен во безбедносниот сектор, како во приватниот така и во јавниот сегмент.
Во текот на мојата кариера работев на позиции во средниот и високиот менаџмент“, вели тој.

Добре, но и сите од неговото семејство често доаѓаат кај нас, а Добре не крие дека е горд на своите македонски корени.
Во интервју за CRNOBELO.com, тој ни раскажа за животот во Швајцарија, за успешната кариера и за сè она што го поврзува со земјава:
Имаш македонски корени... дали еден или двајцата родители потекнуваат од Македонија, пред колку време се тие преселени?
Имам македонски корени, да. Двајцата мои родители потекнуваат од Македонија од села во околината на Струмица.
Мајка ми дошла во Швајцарија на само 14 години каде што работела како куќна помошничка.
Татко ми се преселил нешто подоцна, во средината на своите дваесетти години.

Дали од мал го учеше и македонскиот јазик, од твоите, или како што растеше сам изрази желба да го научиш? Како се зборува кај тебе дома - македонски, или на некој друг јазик?
Македонскиот јазик е првиот јазик што го научив уште од најрана возраст.
Дома отсекогаш се зборувало исклучиво македонски.
И денес кога се собираме како семејство комуникацијата е на македонски јазик.
Како што растев сфатив дека тоа не беше само прашање на строгост или дисциплина од страна на моите родители, туку повеќе нивна природна удобност да комуницираат на својот мајчин јазик.
Германскиот јазик повеќе се користеше надвор од домот, но дома македонскиот остана централниот дел од нашата секојдневна комуникација.

Како би го опишал животот во Швајцарија? Што е најубавото нешто за тебе, а што го нема во Македонија?
Животот во Швајцарија го доживувам како добро организиран, стабилен и предвидлив.
Системите функционираат ефикасно, институциите имаат високо ниво на доверба, што создава чувство на сигурност и јасна структура во секојдневниот живот.
За мене највредно е токму тоа чувство на стабилност и можноста со труд и посветеност да напредуваш во еден јасно поставен систем.
Воедно постои силна култура на одговорност и почитување на редот, што овозможува општеството да функционира на високо ниво.
Она што ја издвојува Швајцарија во однос на Македонија е токму таа институционална доследност и долгорочна стабилност.

А што ти се допаѓа најмногу тука, а го нема во Швајцарија?
Она што најмногу ми се допаѓа тука е човечката топлина и непосредноста меѓу луѓето.
Постои една природна блискост, чувство на заедништво и спонтаност што ретко се среќава во Швајцарија.
Луѓето се поотворени, полесно воспоставуваат контакт и имаат силно чувство за меѓусебна поддршка.
Тоа создава поинаква енергија во секојдневниот живот, која не може лесно да се замени со организација и структура.
Токму таа комбинација на искреност, гостопримство и силни социјални врски е нешто што особено го ценам и што според мене претставува голема вредност која треба да се зачува и негува.

Имаш ли пријатели тука или семејство кои доаѓаш да ги посетиш?
Да, имам и пријатели и семејство тука кои редовно ги посетувам.
Се трудам најмалку еднаш годишно да дојдам и да поминам подолг период овде.
Особено ми значи што со одредени пријатели практикуваме параглајдинг и секоја година поминуваме околу еден месец во Прилеп, Крушево и Охрид.
