Зоран Мијалков e самохран татко на два сина со аутизам, Петар (21) и Никола (14): „Страв ми е што ќе биде со нив по мојата смрт“
- Детали
- вторник, 21 април 2026
„Еднаш, пред две години, ми се случи да се онесвестам додека ги шетав на планината Плачковица. Среќа, Петар, поголемиот син, почнал да ме дига и се освестив некако и среќа двајцата беа покрај мене. Оттогаш кога одам во природа вклучувам GPS и кажувам на другар после колку време да ме бара. Секој ден мора да пешачиме по 20.000 - 30.000 чекори“, вели Зоран Мијалков од Штип за животот со двата сина со аутизам.

Зоран Мијалков од Штип е библиотекар на стручна литература во НУУ Библиотека Гоце Делчев во Штип и татко на два сина со аутизам.
Зоран бил во брак 20 години, а постариот син Петар (21) го добил кога имал 24 години.
Помалиот син Никола (14) оди на училиште и е прифатен од соучениците, а со постариот син Зоран мора да прави долги прошетки секој ден од по 20.000 - 30.000 чекори за тој да ја потроши енергијата и вечерта да може да заспие.
Зоран се бори за правата на децата со аутизам и гласно говори за потребата од помош од државата која ја имаат родителите на деца со аутизам.

Зоран сега е самохран татко на двата сина и вели дека е претешко, но со верба во Бога и со огромната љубов кон синовите успева.
Тој вели:
„Најголемиот страв ми е што со нив после мојата смрт. Еднаш, пред две години, ми се случи да се онесвестам додека ги шетав на планината Плачковица.
Среќа, Петар, поголемиот син, почнал да ме дига и се освестив некако и среќа двајцата беа покрај мене.
Оттогаш кога одам во природа вклучувам GPS на мобилниот и кажувам на другар после колку време да ме бара. Во суштина јас мој живот немам, се откажав од сè за да пружам сè најдобро што можам на синовите“.

Зоран ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
Кога првпат забележавте дека Петар и Никола се развиваат поинаку? Кои беа првите симптоми?
Петар на година и 6 месеци, Никола на 3 години и 8 месеци, се нарушува обично сонот, говорот исчезнува и се јавува хиперактивност и раздразливост.

Како изгледаше процесот на добивање дијагноза за аутизам? На колку години ја добивте?
Во оваа држава нема рана дијагностика, а тоа е најважно за да се почне со интервенција, но за жал го нема тоа во Македонија.


Која ви беше првата мисла, со првото, која со второто дете? Имаше ли разлика? Кој момент најмногу ви останал во сеќавање од тој период?
Првата мисла ми беше дека моето дете има проблем и дека морам да најдам што е проблемот и како да му помогнам, но за жал во оваа земја немаш помош и луташ по здравствени и бирократски лавиринти и тоа буквално те убива и старееш пред време.
Момент кој ми е во сеќавање е дека одредени „стручни“ доктори ме правеа луд што мислам дека моето дете има проблем.

Кој беше најтешкиот период низ кој поминавте како родител? На која нивна возраст беше најтешко?
Моментално го минувам најтешкиот период во животот, затоа што Петар е адолесцент и поради промена на терапија минатата година ми имаше страшен регрес, проследен со вознемиреност и хиперактивност, проследена со мелтинзи со самоповредување и агресија, оти што едвај успевав да го спречам да се повреди себе и мене.
Во меѓувреме помалиот син Никола е влезен во пубертет, а знаете и за типични деца колку знае да биде тежок пубертетот.
Единствената помош мојата мајка во последните две години буквално поради три пада со кршење на ребра и рака не може да се грижи за самата себе и јас ѝ помагам, а сега е уште полошо затоа што очајно и е потребна операција за промена на колк.
Поради болки едвај се движи од кревет до фотелја и фактички сега се грижам за мојата мајка и синовите и буквално сè е на мене.

