Зоран Мијалков e самохран татко на два сина со аутизам, Петар (21) и Никола (14): „Страв ми е што ќе биде со нив по мојата смрт“
Како изгледа еден ваш ден денес – од утро до вечер?
Станувам околу 06:00 часот наутро ако имам среќа да постигнам до толку, правам појадок и молам Бога да не ги разбудам, потоа трчам на работа, од работа трчам пазарам и трчам дома да зготвам ручек.
Потоа, излегуваме за да го однесеме Никола на училиште, а јас со Петар шетам со часови, додека да го земеме Никола од училиште.

Одиме дома, готвам да јадат, додека јадат гледам да исчистам или вклучам перална, да измијам садови и пак излегуваме да шетаме.
Се враќаме дома и пак да јадат нешто правам и обично околу 22:00 заспиваат, по што средувам облека, домашни обврски и легнувам некаде околу 23:00-00:00 часот мртов уморен и доаѓаат на ред уморот на телото и мислите, кои се уште потешки.
Ако имам среќа да заспијам околу полноќ и утредента пак да станам околу 06:00.

Со какви конкретни предизвици се соочувате со двајца синови со аутизам?
Милион предизвици, грижа околу нив, да се зготви здрава домашна храна да јадат, физиолошки потреби, да им ги распоредам терапиите, да го организирам денот и буквално убива фактот што знам дека во нормалните земји би имал помош за нив и мене, а тука буквално молам Бога за сила, за да не се случи да ме снема, што ќе прават потоа тие.

Како се промени вашата улога кога останавте сам да се грижите за нив пред 4 години?
Во суштина, сега барем сум психички растоварен и знам дека сè е на мене и го менаџирам животот за да им овозможам и пружам љубов и сè што им е потребно на синовите.
Јас растев без татко и уште како дете си ветив дека ако имам деца ќе им пружам сè што мене ми фалеше без татко и дека никогаш нема да ги напуштам и ќе направам сè за нив, па макар и немал сопствен живот.

Како се промени животот на семејството откако мајката не е дел од него? Како децата ја доживеаја таа промена? Што значи да се биде и татко и мајка во исто време? Од каде црпите сила кога е најтешко?
Животот не те прашува, тој си тече и секој човек мора да се прилагоди на било што и да се случи во животот.
Така јас се прилагодив и давам максимум за на синовите ништо да не им фали.
Инаку добар пример за самохрани родител имав од мојата мајка, која нè растеше без татко.
Сила црпам од мојата Вера во мојот Господ Исус и љубовта кон синовите.

