Томица и Ристе од Богданци беа на свадба кај најдобриот другар во Кина: „Поминавме 10.000km, имаше традиции, денот ни почна во 5 наутро“
- Детали
- четврток, 14 мај 2026
„Со Ристе и Александар (младоженецот) сме другари од градинка. И покрај тешкотиите, кога дознавме за свадбата, со Ристе отидовме 10.000km во еден правец до Кина. Свадбата беше во вила, кон која се упативме уште пред 6 наутро. Немаше класично буткање врата, но имавме црвени пликоа со пари што ги стававме под врата за да ни отворат, па потоа моравме да играме игри кои невестата и девериците ни ги подготвија“ - вели Томица за CRNOBELO.com.

Томица Тасев од Богданци, по професија дипломиран менаџер по туризам, во последните 6 години живееше во Хрватска, а неодамна присуствуваше на свадба во Кина од каде се врати со многу впечатоци.

Станува збор за свадба на неговиот најдобар другар од детство, Александар, кој се ожени со Шер (кинеско име: Xueyang Chang) од Кина, во нејзиниот роден град.
Заедно со уште еден другар од детството, Ристе, и покрај финансиските тешкотии и здравствени проблеми на Томица, успеале да заминат и да присуствуваат на овој ден како поддршка на младоженецот.

Свадбата била со интересни традиции, се случила во вила, каде заминале уште пред 6 часот наутро, а најчудно било што завршила околу 14 часот попладне, но во меѓувреме, деновите додека биле таму, ги поминале во дружби, посети на знаменитости и искусиле многу интересни работи.
Томица за CRNOBELO детално и емотивно го споделува целото искуство од почеток до крај:
„Јас, Александар (младоженецот) и Ристе сме другари уште од градинка, па основно и средно училиште. Како деца бевме неразделни, имавме тешко детство, но никогаш не се откажувавме од ништо. Секогаш си помагаме на каков било начин и тука сме еден за друг. Ова другарство трае повеќе од 25 години.
Томица, Александар и Ристе
Патот малку не раздели физички кога Александар замина на факултет во Битола, а после тоа во Германија, јас на факултет во Гевгелија и после тоа во Хрватска, а Ристе остана во Македонија, но далечината не дозволи да се скрши нашето пријателство.

На свадбата бевме само ние двајца, јас и Ристе, мајка му на Александар, а од Македонија имаше уште двајца гости, брат и сестра од Битола.
Севкупно на цела свадба имаше некаде околу 200-250 гости од различни делови од светот - Македонија, Норвешка, САД, Франција, Германија, а секако најмногу беа Кинезите.
Кога дознавме за свадбата, јас и Ристе како едни од најдобрите другари, веднаш без дилема и размислување ја прифативме понудата и веднаш започнавме со реализација на планот.

Меѓутоа постоеше во тој момент еден проблем, поточно тоа бев јас, бидејќи бев во лоша здравствена состојба, ми беше откриено аневризма на абдоменалната аорта и бев во животна опасност. Кога се слушнавме со Александар му реков, брат само да преживеам и доаѓам. Имав анксиозност, милион проблеми и тешка операција на 2 декември 2025.
Во меѓувреме Ристе и мајка му на Александар имаа извадено билети, а јас чекав зелено светло од докторите за патување, бидејќи ми беа забранети летови кои траат повеќе часа, но сепак на крајот со малку ризик успеав да отидам. Всушност тој момент ми беше како мотивација да се борам.

Александар (младоженецот) и Шер (невестата) живеат во Германија, во Хамбург поточно, а Шер е по потекло од Чангчун, нејзиното родно место, каде и што се одржа цела свадба. Тоа е град во североисточниот дел од Кина со популација од отприлика 9 милиони жители.
Цела церемонија се одржа во вила која тие претходно ја изнајмија специјално за свадбата. Се водевме по нивните традиции и обичаи.

Од неговата машка страна бевме 4 Groomsmen, тоа се како кумови/девери, нешто најблиско што му значи многу и што има важен дел од свадбата.
