Деми од Холандија се пресели во Македонија: „Мајка ми е Македонка, татко ми е Србин, а Шабан Шаулиќ ми беше чичко“
- Детали
- петок, 29 мај 2026
„Во Холандија сè е поиспланирано и луѓето имаат брз живот. Гледам дека тоа полека почнува да се случува и тука во Македонија, но навистина се надевам дека луѓето нема да тргнат по холандскиот пат овде. Затоа што не е забавно да планираш кафе со пријателите 3 недели однапред. Ја сакам македонската храна, најмногу сармата на мајка ми, и ги обожавам македонските вина“, раскажува Деми Шаулиќ која е родена во Ротердам, но има македонско и српско потекло, а од неодамна живее во Македонија.

Деми Шаулиќ е родена во Ротердам, Холандија, но нејзината мајка потекнува од Струмица, а татко ѝ е од Шабац, Србија.
Над 20 години работела како радио и ТВ водителка, а открива дека имала интервјуирано низа големи артисти, како Мартин Гарикс и раперот 50 Cent.
Вели дека нејзиниот сон бил да искуси живот и во други држави, па почнала да работи онлајн, како претставник за продажба (sales representative).
Неодамна, пак, решила да се пресели во родната земја на мајка си – Македонија – а овде почна да снима Инстаграм видеа на кои го споделува своето искуство во нашата земја.
„Исто така, обучувам жени така што ги охрабрувам да направат храбри животни избори за да живеат според свои правила, а не според тоа што општеството очекува од нив“, додава Деми.
Таа ни откри и забавен факт за неа – познатиот пејач Шабан Шаулиќ бил нејзин чичко.
За животот во Македонија, Деми открива нешто повеќе во разговор со CRNOBELO.com.
Целото интервју во продолжение:
Родена си во Холандија, татко ти е Србин, а мајка ти Македонка. Дали претходно си била во Србија или Македонија и што те натера да се преселиш тука? Зошто ја избра земјата на мајка ти, а не на татко ти?
Моите родители нè носеа (мене и брат ми) во Србија и Македонија секоја година кога бевме помали. Во Холандија има 6-неделен летен распуст и ние го поминувавме пола во Србија и пола во Македонија.
Одевме толку често, што на 17 години решив дека ми е доста од Србија и Македонија, сакав да видам други места во светот, да истражувам повеќе култури и го направив токму тоа. Многу патував.
По 10 години без да одам, почна да ми недостасува, моите луѓе, мојата култура, па почнав повторно почесто да доаѓам. Но, секогаш беше во Србија затоа што моите родители по 35 години живот во Холандија, се вратија во Србија.
Македонија не ми беше ни на радар сè додека не почувствував потреба повторно да ја видам мојата 90-годишна баба. Една година подоцна, таа почина.
Всушност, мојот син беше тој што си помина најубаво во Македонија. Ја сака и Србија, но Македонија за него беше како магија.
Па, минатата година кога размислував да си го остварам сонот и да живеам во странство, токму тој ја спомна Македонија. И, ми „кликна“ – морав да одам во Македонија.
Три месеци подоцна ги спакував куферите, резервирав билет за еден правец и сега сум тука.
Зошто не ја избрав земјата на татко ми? Затоа што претпоставувам секогаш правам работи поинаку во животот (хаха).
Дали зборуваш српски или македонски? Дали родителите те научиле нешто за нивните култури, традиции и слично?
Ги зборувам двата јазика, но морам да научам повеќе македонски, признавам. Можам да водам разговори со семејството и пријатели. Сè уште учам нови зборови на македонски.
Првиот збор за кој немав поим што значи беше „правосмукалка“. На српски е сосема друг збор. Така што да, сè уште учам секој ден.
Зборувам 5 јазици, па лесно учам јазик, но понекогаш јас и моите пријатели гласно се смееме на мојот македонски. И, мешам македонски со српски, а понекогаш уфрлам и англиски зборови.
Всушност, научив српски пред да научам холандски. Првите 4 години не се оди на училиште и моите родители ме воспитуваа многу балкански. Секако, сега тоа е измешано со холандската култура.
Но да, моите родители се погрижија да знам за нивната култура и многу сум благодарна за тоа затоа што мислам дека можам да живеам каде било на оваа планета и едноставно да се вклопам.
Колку долго си тука и дали планираш да останеш?
Мојот план е да немам план. Слободата ми е многу високо на листата во животот. Создадов живот за себе каде што можам да бидам слободна.
Луѓето ме гледаат како да сум луда што сум ја избрала Македонија од сите места во светот каде што можев да одам. Но, има една работа на Балканот што ме натера да дојдам тука – луѓето се послободни овде.
И да, понекогаш тоа бара адаптирање од моја страна затоа што плановите не се баш планови туку опции. И, тоа е во ред!
Каков беше твојот прв впечаток за Македонија? Дали имаше културен шок или очекувањата некако ти се исполнија?
Не беше културен шок затоа што сум била тука на одмор многу години. Но, живеењето тука е различно од тоа да си на одмор, секако. Мислам дека треба уште малку да го искусам за навистина да кажам што чувствувам.
Немам очекувања во животот. Сакам да бидам со отворен ум и да видам што животот има испланирано за мене. Колку си поотворен, толку е подобро искуството, тоа е мојата гледна точка.
Само да се разбудиш и да ги гледаш тие прекрасни планини насекаде околу тебе е доволно за да се чувствуваш среќно.
Кои се најголемите разлики помеѓу животот тука и во Холандија? Што ти се допаѓа, а што не?
Има многу разлики. Најголемата разлика се луѓето, секако. Холанѓаните се порезервирани. Сè е поиспланирано и луѓето имаат брз живот во Холандија.
Гледам дека тоа полека почнува да се случува и тука во Македонија, но навистина се надевам дека луѓето нема да тргнат по холандскиот пат овде. Затоа што да планираш кафе со пријателите 3 или 4 недели однапред, едноставно не е забавно.
Таму сè е околу кариерата, а не толку околу самиот живот. Имаш само еден живот и да го поминеш трчајќи цел ден и чекајќи пензија за да уживаш во животот – тоа не е за мене.
