Оља Тошева oд Богданци: „Татко ми беше исчезнато лице повеќе од една година - чекав да ми заѕвони телефонот дека е жив“
- Детали
- петок, 03 јули 2026
„Татко ми беше столб, нè одгледа со труд, мака, често работејќи по две работни места истовремено. Имаше 60 години кога заминал од дома и му се губи секој траг - сè би дала да знам каде се упатил, ама за жал никој од нас никогаш нема да го дознае тоа. Јас имав 35 години тогаш“, споделува Oља Тошева (43) од Богданци, за татко ѝ кој повеќе од една година се водел како исчезнато лице, а потоа случаен минувач ги пронашол неговите останки. За трагедијата, но и како се изборила со емоциите, Оља зборува искрено за CRNOBELO.com…

Oља Тошева - поранешно Ивановска (43) работи во ЈП за хуман третман на животни, како негувател и повеќе од 23 години живее во Скопје.
По потекло е од Богданци, мало гратче во Јужна Македонија, каде ја доживеала и најголемата животна трагедија.
Нејзиниот татко пред 8 години, на 60-годишна возраст, исчезнал и повеќе од една година се водел како исчезнато лице.
Потоа останките биле пронајдени од случаен минувач, а на семејството му било потребно долго време за да го упокои на достоинствен начин како што заслужува.
Оља си го отвори срцето за CRNOBELO.com и сподели дел од себе, за кој вели дека долги години молчела, за да помогне на сите кои во моментов трагаат по исчезнато лице од своето блиско семејство.

Таа ја споделува својата емотивна приказна за CRNOBELO.com:
Колку години поминаа од мигот кога твојот татко исчезна? Како сфативте дека го нема, кога беше време за црвена тревога?
Ни сама не можам да поверувам кога пишувам дека поминале 8 години.
Некогаш мислам 8 месеци, некогаш ми се гледаат како една цела вечност (особено во вечерните часови).
Со оглед на тоа дека јас не живеам одамна со моето семејство, омажена сум во Скопје и повремено одам таму, само на гости или некое семејно збиднување.
Татко ми со години се лекуваше од алкохол, на неколку пати во клиника за лекување од зависности.

Во последните години од неговиот живот, состојбата се влоши до тој степен што слободно ќе кажам дека доби еден вид склероза.
Често забораваше работи и случки од сегашноста, а се сеќаваше на минати случки.
Дома беше претежно со надзор од мајка ми и брат ми. Ние бевме 5-члено семејство, имам и сестра помала и брат.
За неговото исчезнување ми јави мајка ми откако после неколку часа, сосем неразбирливо за него, човекот го немало.
Веднаш е пријавено во локалната станица. Јас и сопругот истиот ден се упативме таму, но според протокол на работите задолжително мораат да поминат 48 часа за официјално да се пријави исчезнато лице.

Колку години имаше тој и каде беше тргнат? Koлку години имаше ти и како го прифати тоа? Како и колку време по исчезнувањето започна потрагата по твојот татко?
Имаше 60 години кога заминал од дома и му се губи секој траг - сè би дала да знам каде се упатил, ама за жал никој од нас никогаш нема да го дознае тоа.
Јас имав 35 години, знаев дека со години се бори со себе, но во ниеден момент не ми падна на памет ни мене, ни на моите, дека ќе се случи такво нешто.
После 48 часа почнаа да го бараат локалните власти, а ние исто со потесното семејство и неколку роднини, го пребаравме скоро секое делче на Богданци и околината.
Баравме покрај Вардар спрема Гевгелија, пријавивме и во неколку телевизии, споделував по социјални медиуми со цел некој некаде да нема забележано лице со опис на татко ми.
Благодарна сум тие телевизии, што во тој момент ми излегоа во пресрет.

Како ја прифати ти целата стуација? Каков човек беше тој?
Претешко е за мене дури и во овој момент додека ви го пишувам ова, тежок ми е фактот што раскажувам во минато време за него.
Беше столб, нè одгледа со труд, мака, често работејќи по две работни места истовремено.
Беше праведен, се трудеше да нè научи на нормални вредности, на достоинство и праведност.
Не беше некој кај кого ќе одиш да „се погушкаш“ - секогаш делуваше строго.
Ама ја имаше најубавата насмевка на свет. Знаев дека се гордее со нас иако не искажуваше многу со зборови.
Секогаш се огледував во него, сакав да ги имам истите амбиции како неговите, да сум чесна да не напакостувам никому.
Беше одличен фризер, уживаше симпатии од околината, беше мој синоним како би сакала да градам човечки вредности.
