Оља Тошева oд Богданци: „Татко ми беше исчезнато лице повеќе од една година - чекав да ми заѕвони телефонот дека е жив“
Што би им порачала на семејствата кои сè уште трагаат по своите најблиски?
Знам во моментов колку многу семејства во државата и пошироко се соочуваат со исти или слични проблеми и од искуство верувам дека им е неизмерно потребна првенствено отвореност и психолошка поткрепа од стручни лица.
Ние ја немавме, се лекувавме сами едни со други, задоволни барем што пронајдовме нешто од него.
Секој од потесното семејство и фамилијата негова, јас мајка ми, сестра ми и брат ми вечно ќе носиме празнина која никогаш нема да зацели, само се учиме да живееме со неа и да ја прифатиме колку толку.

Како се справуваше и справуваш со емоциите?
Тој период лично јас почнав многу да работам и да посетувам пилатес часови 4-5 пати во неделата да ги избегнам сеќавањата и случувањата од тие две години особено.
И сега некаде длабоко во себе сè уште чувствувам лутина, бес, тага, болка, чувствувам дека можевме повеќе и ние и институциите, Богданци барем е малечко гратче.
Чувствувам вина, но и благодарност во исто време што сепак пронајдовме нешто.
Никогаш не беше за мене и моите само предмет, коска и еден залутан череп.
И ден денес сè уште е мој идол, моја најубавa насмевка, наши недораскажани соништа и една празнина која со тек на време верувам дека ќе успеам да прифатам, нарекувајќи ја судбина.

Јас долги години сум во Скопје, ние ни како деца немавме многу заеднички фотографии, моите постојано работеа, ретко одевме на одмори, поинакво време беше од сега.
Низ минатото татко ми на неколку наврати беше по лекувања, не беше присутен ни за мојот свадбен церемонијален ден, ни на многу мои битни настани всушност не беше присутен.
Научив да живеам со тоа, и учам да ми е полесно.
Имам прекрасна работа која ми ја канализира тагата и сеќавањата од тие денови, работата со живи суштества и чувството дека некому помагаш навистина ме исполнува до тој степен што сум пресреќна на животната дадена прилика.

Животот нè учи на предизвици, на случајни загуби, падови и издигнување од истите. Ме научи да ги грабаме моментите, секоја мала секунда која ни се чини неважна да ѝ дадеме бои на љубов.
Ме научи да сум благодарна, да сакам, да помагам да бидам добар човек.
Баш таква каква што сакаше татко ми да ме види.
Ме научи да учам, да простувам, да грешам и да учам од грешките, да живеам и секој ден да бидам подобра верзија од себе.
Тато, ако го читаш ова, некако и од некаде, ова ретко ти кажував (очигледно гените си го направиле своето), но многу те сакав, секогаш ќе бидеш човекот со најубавата насмевка во свет.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело