Горјан (8) од Тетово пушташе музика на Д фестивал: „Почнав на 6 години, се качував на гајба да стигнам до миксетата“
- Детали
- четврток, 02 јули 2026
„Еднаш пуштав кај чичко Моме во кафуле, и тој мислеше дека 'Златно славејче' ќе пуштам, така ми рече, ама кога влегов на сет, сите се држеа за глава (ха, ха)“, вели Горјан за CRNOBELO.com и признава дека кога ќе порасне, сака да стане успешен како диџеј Галоски.

Горјан Николоски (8) од Тетово е „супер ученик“ во ОУ „Андреа Савески-Кикиш“, каде што неодамна заврши трето одделение. Но, во Тетово, а и пошироко, тој е познат како диџеј Sub Bass Jr.
Горјан неодамна настапи и на „Д фестивал“ во Штип, каде што привлече големо внимание и поради изборот на музика, но и поради возраста.

За својата кариера на диџеј, која трае веќе 2 години, тој раскажува во интервјуто за CRNOBELO.com:
Kако се роди желбата да почнеш да пушташ музика и да имаш свои диџеј сетови?
Па, кога бев мал, чичко Мане (Conquering Lion) со тато кога слушаа музика и многу ми се допаѓаше таа музика, реге, џангл. А мама што ми пушташе песни за деца што не ми се допаѓаа воопшто.
После по Јутјуб барав реге музика, гледав настапи и кога слушнав драм енд бејс музика, срцево ми лупаше силно и само тоа сакав да слушам.
И рап постар сакам да слушам, од постарата генерација.
Инаку, имам сетови свои дома, сакам да им правам журки на мама и тато.

Кој ти го избра името Sub Bass Jr.?
Мене најпрво ме викаа Диџеј Гајбиче дека не можев да стигнам до контролерот и морав на гајбиче да се качам да достигнам.
Сега сум Sub Bass Jr. и имам профил на Инстаграм. За името, со тато заедно го смисливме, и значи нешто како длабок бас, ама во млада верзија.
Дали кога на 6 години почна да пушташ музика беше најмладиот диџеј во светот, или има уште помлади од тебе?
Па може сум бил, не знам, ама ако има некое другарче како мене сакам да пуштам бек ту бек со него.
