Горјан (8) од Тетово пушташе музика на Д фестивал: „Почнав на 6 години, се качував на гајба да стигнам до миксетата“
Каде беше твојот прв официјален настап? Имаше ли трема? Какви беа реакциите?
Првпат беше кај тетка Данче и чичко Тихе на Шапка.
Немав трема дека мене секогаш ми е најјако кога пуштам музика.
Еднаш пуштав кај чичко Моме во кафуле, и тој мислеше дека Златно славејче ќе пуштам, така ми рече, ама кога влегов на сет, сите се држеа за глава (ха, ха).
Пушташе музика и на Д фестивал 2026... Дали тоа ти беше прв сет на фестивал или си имал и претходно настапи на поголеми настани?
Да, Д Фестивал 2026 ми е прв поголем евент, ама и во Скопје кај чичко Папак во кафич пуштав заедно со ДНБ Бригада, и исто ми беше многу јако.
Инаку и за црногорската најслушана радио емисија „Драмбасада“ имам микс пуштано. И тоа беше јако.

А како реагираа луѓето кога видоа 8-годишно дете зад миксетата? Ти честитаа ли, те застануваа?
Па, кога ме гледаа дека сум мал можеби не очекуваа дека сум хардкор, ама кога згрмеа звучниците сите уживаа во музиката.
И секогаш на крај ми аплаудираат. А кога гледам дека има таков фидбек од нив сум многу среќен. Најсреќен.
Кој диџеј ти е идол и зошто и каква музика сакаш да пушташ најмногу?
Најмногу DNB и едно време ми беше Andy C, ама сега cera го газам Whiney.

Дали самиот компонираш музика или само пушташ?
Ceга за сега само пуштам музика, ама некогаш дома знам и да експериментирам. Сакам да станам профи и кога ќе извадам нешто да биде многу јако, да играат сите.
Татко ми ми вика дека сè уште сум мал и да се фокусирам сега само на пуштање, затоа што компонирањето бара и музичка теорија и малку потехнички услови за креирање.
Колкава поддршка добиваш од другарчињата/врсниците кои знаат дека работиш како диџеј?
Другарчињата и семејството ме подржуваат во пуштањето затоа што е несекојдневно за мало дете како мене да го прави тоа, и многу сум им благодарен.
Се надевам дека ќе имаат прилика да дојдат на некој од моите наредни настапи.
Ти влијае ли ова на учењето? Кој ти е омилен предмет, а кој воопшто не го сакаш?
Дома мама и тато секогаш ме тераат прво да напишам домашна, да научам, и после тоа сум слободен за Sony, за музика.
Лесно ми е на училиште. Математиката ми е забавна и ја сакам многу, а aнглиски ми е досадно дека веќе знам скоро сè.
Која ти е најголема желба поврзана со твојата диџејска кариера?
Да станам како Галоски. Да бидам познат диџеј, да пуштам музика во Грчка на море, во Јапонија, Кореа.
И да се забавуваат сите кога пуштам јас музика.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело