Стефана направи македонска традиционална свадба со Нигериецот Лаурел: „По грешка дојде со влечки, ги знаеше сите наши ора“
- Детали
- петок, 03 јули 2026
„Еден од најинтересните моменти беше нигерискиот обичај да се „купи невестата“. Кај нив тоа се прави со фрлање пари на подот, а ние го споивме со македонските обичаи, па сопругот мораше да фрли цел куп банкноти пред вратата за да ја „добие“ невестата и да му отворам“, вели Стефана Нисиќ Ебходагхе (30) за свадбата со саканиот Лаурел.

Стефана Нисиќ Ебходагхе (30) oд Македонија и Лаурел Ебходагхе од Нигерија заедно се веќе 4 години, од кои во брак се 3, а го имаат и 2-годишниот син Киан.
Сепак, сега (јуни 2026-та), тие направија свадбена церемонија и во Македонија. Првата свадба им се одржала во Дубаи.
Тие снимаат забавни интервјуа од своето секојдневие и објавуваат на нивниот ТикТок профил.

Стефана споделува детали за нивните свадбени церемонии:
Како те запроси?
Ме запроси на плажа во Дубаи, а во целата организација му помогнаа моите најдобри другарки. Искрено, немав апсолутно никакво сомневање дека тој ден ќе ме запроси.
Сè изгледаше сосема обично, а потоа следуваше најубавото изненадување во мојот живот.
Сè беше совршено организирано и тоа е момент што ќе го паметам засекогаш.
Каква свадба имавте?
Имавме две свадбени прослави. Првата беше во Дубаи, заедно со нашите пријатели од Македонија и Нигерија.
Бидејќи доаѓаме од две различни култури, ни беше многу важно во нашиот ден да ги испочитуваме и македонските и нигериските традиции.
Еден од најинтересните моменти беше нигерискиот обичај да се „купи невестата“. Кај нив тоа се прави со фрлање пари на подот, а ние го споивме со македонските обичаи, па сопругот мораше да фрли цел куп банкноти пред вратата за да ја „добие“ невестата и да му отворам. Атмосферата беше прекрасна, а сите гости навистина уживаа.
Но, најсмешниот момент беше што од возбуда заборавил да ги облече свечените чевли. Стигна во елегантен костум и во влечки!
За среќа, чевлите му биле во автомобилот. До ден денес тоа ни е една од најомилените анегдоти од свадбата.
Ги знае ли саканиот македонските ора? Какви традиции имавте?
Да, и тоа одлично. Искрено, понекогаш мислам дека ги игра и подобро од мене.
Бидејќи живеел во Турција, лесно се вклопи и брзо ги научи македонските ора.