Никола Коларовски, планинар: „Се имам изгубено во магла на Бистра, ветрот ме поместуваше и ќе смрзнев, но сега сум искусен“

„На моето прво (аматерско) планинарење, се изгубивме, пешачевме вкупно 30km, имав безброј плускавци од патиките, бев изгорен, со трња во дланките и добив убод од инсект, вечерта бев со треска, но реков дека утре сакам пак да одам на планина“ вели за CRNOBELO.com Никола, кој е за кого планината е потсетник за суштината што ја забораваме во сенката на претераната грижа за секојдневното.

nikola kolarovski covek mora da se izmori za kompetno da g0 dozivee katarznicniot efekt na planianta 22

Никола Коларовски е композитор, пијанист, фотограф, планинар и обожувач на природата и уметноста во најширока смисла.

Роден е во Скопје, со духовен дом во планините, шумите и македонските села. Уште на рани години покажувал интерес кон географијата и астрологијата, а љубовта кон пијаното и компонирањето музика ја развил по запознавање на романтичниот свет на Фредерик Шопен.

Ужива во сериозна музика и рок од 60-тите и 70-тите, шах, творештвото на Џ. Р. Р. Толкин, велосипедизам, фудбал, кошарка…

Во продолжение следува разговор со Никола кој зборува за патешествијата и потребата постојано да се биде на планина...

Планините те повикуваат, планините се дел од твојот живот. Што наоѓаш таму високо на планините што не можеш да го пронајдеш во сивото и задушливото Скопје?

Буквално сè, планинарењето е активност која нуди најмногу корист и телесно и духовно. Кај мене духовниот бенефит секогаш имал предност, односно поважно ми е влијанието на планината врз умствената состојба отколку одржувањето на телото и физичкото здравје.

Тоа секако не значи дека физичкиот напор е занемарен аспект, туку напротив – човек мора да се измори за комплетно да го доживее катарзичниот ефект на планината и да ја почувствува моќта на достигнувањето откако по напорно и долго качување конечно ќе застане на врвот или која и да е зацртаната цел.

Планината е потсетник за суштината што ја забораваме во сенката на претераната грижа за секојдневното, земското.

Нема поослободувачко чувство од она кога после долга и напорна авантура во планина, човек влегува дома преморен, каллив, изгорен, а сепак полн со животна сила. Тогаш стануваат смешни повеќето грижи кои до вчера се чинеле важни.

nikola kolarovski covek mora da se izmori za kompetno da g0 dozivee katarznicniot efekt na planianta 3

Секогаш наоѓаш време да го нарамиш ранецот и да заминеш на планина. По толку многу доживувања кои ти се најдрагите планинарски прошетки досега?

Тешко е да се одбере најдрага прошетка зашто севкупното доживување е комбинација од различни елементи – естетска убавина (опкружување и временски услови), адреналин, друштво и слично, така што имам по некоја „најдобра“ прошетка во различни категории.

Некои прошетки ми останале во сеќавање поради она што очите го посведочиле (иако во моментот не сум имал капацитет тоа да се одрази на внатрешното доживување), други поради адреналинот што сум го почувствувал висејќи на острите, карпести сртови, но, би рекол дека на крајот, најдраги прошетки ми се оние кои ме доближиле до возвишеното, трансцендентното, а човек не мора да оди којзнае каде и да посведочи којзнае каква убавина за да го доживее тоа ретко, интимно и за мене најблагородно чувство.

Од таа причина во планина најчесто одам комплетно сам, па би издвоил некои од моите соло прошетки на Баба Планина (врвовите Стив, Илинден, Пелистер, Ветерница) и Шар Планина (Титов Врв, Мал Турчин).

Често се потсетувам и на прошетки од омилените месеци октомври и ноември и магијата на есенското шаренило во комбинација со променливите, драматични временски услови, и без разлика дали сум бил сам, со близок пријател или со планинарско друштво.

nikola kolarovski covek mora da se izmori za kompetno da g0 dozivee katarznicniot efekt na planianta 11

Дожд, ветер, магла, бура… Кои планински авантури често ги споделуваш со твоите најблиски?

Имам две искуства кои секогаш први паѓаат на памет во оваа категорија.

Првото е воедно и мое прво сериозно искуство во планина, кога имав 16 години. Немав никаква претходна физичка активност ниту соодветна опрема (обични патики со низок ѓон наместо планинарски кондури), а имав здравствени проблеми.

Се качивме од селото Брајчино до Големото Пелистерско Езеро и врвот Ветерница, што воопшто не е шега ни за активен планинар.

На враќање се изгубивме и навлеговме во ужасниот, див терен во подножјето на врвот Големо Врвче. Паднав нанапред и со тежината на целото тело, со двете дланки „слетав“ директно врз трња.

Како да не беа доволни екстремниот умор, безбројте плускавци од патиките, изгорениците од сонцето и трњата во дланките, десеттина минути подоцна имав и „контакт“ со инсект кој не го видов, а белегот од убодот/каснувањето ден денес ми е запечатен на раката.

Не мора никакво потсетување за екстремната болка. Кога ги соблеков патиките, палците на нозете ми крвавеа од ноктите што растеа во погрешна насока.

Сосе губењето, испешачивме околу 30 километри, а вечерта ме чекаше најтешката треска досега, и со последниот здив што успеав да го земам додека скршено лежев во креветот, на мајка ми ѝ реков „утре морам да одам пак на планина… “

nikola kolarovski covek mora da se izmori za kompetno da g0 dozivee katarznicniot efekt na planianta 2

Второто искуство беше на врвот Меденица, највисокиот на Бистра Планина. Иако имаше сериозни предупредувања за ветер до 120 км на час, облаци и дожд, со братучед ми бевме „попаметни“ од планината и сепак тргнавме. Очигледно немавме никакво искуство, ниту водоотпорна опрема за планинарење.

Не врнеше дожд туку град. Ветрот нè поместуваше како да сме шаховски пиони. Теренот околу Меденица е едноличен, а густата магла не дозволуваше видливост поголема од 5 метри, така што доволно беше за еден крајно неискусен планинар да направи еден круг околу себе за да не знае ни од каде дошол ни во која насока треба да продолжи.

Најголемата мистерија е што сепак успеавме да го качиме врвот (иако ни беше далеку од познат), некоја интуиција проработе.

На симнување комплетно се изгубивме и пешачевме во непознат правец зашто ако застанавме – ќе замрзнавме.

Беше крај на ноември, а водата ни беше влезена „под кожа“. Обидите да фатам интернет и да отворам мапа беа неуспешни.

Дури по долго пешачење имавме среќа да фатиме сигнал за конечно да дознаеме дека одиме во комплетно спротивниот правец – Галичник беше југоисточно, а ние одевме северозападно.

Се вративме назад и кога конечно стигнавме во селото – колата не можеше да запали. И тоа се случи по неколку обиди па со неколку попатни гасења, едвај стигнавме до Скопје.

Нема да заборавам колку се израдував на првиот автобус што го видов – знак дека сум се вратил во цивилизацијата која до претходниот не ми беше ни блиску до мила.

Каде го имаш видено најубавото зајдисонце?

На врвот Ветерница (2420мнв) на Баба Планина. Поглед кон цело Преспанско Езеро на запад, а меѓу Галичица и мрачните облаци над неа имаше малку чисто небо.

Сонцето се спушти во тој простор како јасно видлива топка и наеднаш сè стана крваво. Врнеше замрзнат дожд и на исток се појави дупло виножито.

На симнување, кога одлучив за последен пат да се свртам кон врвот, со огромна брзина и џиновски скокови, дивокоза „прелета“ преку самиот врв и таа глетка го круниса целото доживување што веќе 4 години не можам да го испроцесирам.

nikola kolarovski covek mora da se izmori za kompetno da g0 dozivee katarznicniot efekt na planianta 14

Како љубител на епска фантастика, кои предели во Македонија ти го даваат чувството дека навидум се наоѓаш во некој од романите на Толкин?

За мене секое одење во природа има еден епски момент што го поврзувам со светот на Толкин, но ако треба да бирам тоа би биле врвовите на Кораб, средишниот дел на Шар Планина (пределот Лешница со трите карпести врвови Плат, Среден Камен и Кривошија), Кожуф и мојата омилена Баба Планина.

nikola kolarovski covek mora da se izmori za kompetno da g0 dozivee katarznicniot efekt na planianta 20

Ако воопшто слушаш музика додека си на планина, која композиција постојано ја преслушуваш додека се наоѓаш таму некаде во височините?

Ретко слушам музика во планина, природата има своја музика која секојпат е различна – „алеаторичка“ симфонија на ветрот, ливчињата, потокот, чекорите во исушената, златна трева или во снегот. Но ако веќе одлучам да слушам нешто, тоа обично е музиката од филмот Kingdom of Heaven.

А во најтешките моменти од долгите и напорни планинарски тури, секогаш се повторува некоја мелодија во глава, зашто тоа помага да се задржи психичката стабилност, особено ако станува збор за ризични и кризни ситуации како искуството од врвот Меденица опишано погоре.

Тогаш во глава непрекинато ми свиреше првата тема од Allegro non troppo од првиот став на Симфонија бр. 6 од Чајковски.

nikola kolarovski covek mora da se izmori za kompetno da g0 dozivee katarznicniot efekt na planianta 16

Како природата те инспирира да создаваш музика?

Би рекол дека секој уметник е сонувач, фантазер, и има свое прибежиште, свој „паракосмос“ на сите мечти.

Природата е моето интимно, фантастично царство, самотијата во шумите и планините е тронот на мојата имагинација – таму заборавам на земското, ја губам смислата за личен идентитет и се преобразувам во „неутрален набљудувач“ кој едноставно само постои, закотвен во навидум бескрајниот момент, без мисла за минатото или иднината и го апсорбирам секој звук и секое движење.

Во таа состојба човек станува, како што велат, медиум – пијаното што само треба да ги повтори тоновите што веќе прозвучиле или пенкалото што само треба да ги запише стиховите што некој далечен глас веќе ги прошепотил.

Тешко е човек да зборува за врската помеѓу природата и уметноста без да звучи апстрактно, но за мене во тоа е и убавината – во мистеријата.

nikola kolarovski covek mora da se izmori za kompetno da g0 dozivee katarznicniot efekt na planianta 8

Продолжува на следната страна... 



Би можело да ве интересира:

Љубовната приказна на Симона и Славјан: „Романтичните свадбени фотографии ни ги направи сестра ми во... „Нашата идеја во врска со свадбена фотосесија беше да биде во сицилијански стил ...
Интервју со дуото ДНК: Панчо во кафеана ја нарачува „Недеља“ од Џеј, Андреј вели дека уште се истите... Велат дека воопшто не се променети како луѓе во овие 20 години кариера, Андреј р...
„Работам во градската болница во Велес – мора да ви ја пренесам тажната приказна за дедо Петре“ Над дваесет години како сум дел од тимот на градската болница во Велес. За сите ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg