Маја од Охрид цело лето си прави тематски забави со лимони: „Декорации купувам кај нас, инспирација ми е Амалфи“
- Детали
- вторник, 22 јули 2025
„Сè започна со еден роденден во фамилијата - ја декорирав трпезата со жолти тонови и шмек на лимон, спремив летни закуски од овошје и зеленчук, и сега тие ми се како заштитен знак“, ни кажа Маја Гугоска, која во викендичката со поглед на Охридски Езеро, често прави тематски забави со лимон за семејството и пријателите.

Охриѓанката Маја Гугоска е сопруга и мајка на две деца, која сака секој слободен миг да го мине релаксирано со семејството.
А токму тоа и успева во нејзиниот мал зелен рај, на околу 2km од Охрид, во местото Горица, каде се наоѓа нивната викендичка, од која се простира спектакуларен поглед на Охридското Езеро.
Семејството го користи секој миг да биде таму, да уживаат во убавините на природата, но и во дружењето со пријателите и пошироката фамилија.


Токму на еден таков семеен ручек, кој бил подготвен за да прослават роденден, се родила идејата за „летото со лимони“, а за која Маја раскажува за CRNOBELO.com:
„Сè започна со еден роденден во фамилијата - ја декорирав трпезата со жолти тонови и шмек на лимон, спремив летни закуски од овошје и зеленчук, и сега токму тие ми се како заштитен знак.
Идејата потоа се разви сосем спонтано. Собиранките со нашето друштво се многу чести, посебно во летниот период.


Од оваа година, имаме комплетно опремена викендичка и секојдневно сме таму.
А јас отсекогаш сум сакала убаво уредени простори и трпези.
Ова лето е во знакот на лимонот - декорациите ги најдов случајно и ги купувам кај нас, не порачувам онлајн.


Па, почнав да си ‘играм’ со вкусовите.
Сакам да готвам и да спремам за сите, гости и домашни, па шлагот на сето тоа се нивните коментари и воодушевување.


Годинава на трпезата најчесто има салати со овошје и зеленчук, измешани вкусови, сирења и лепиња, коктели, и сето тоа во знакот на Италија, која ми е непресушен извор на инспирација.
Оваа година планот е да го посетиме брегот Амалфи, па така ќе го заокружам ова лето со лимони насекаде“.

