Самохрана мајка на 3 деца од Скопје: „Добив термин за операција - првата мисла не ми беше за мене, туку стравот за моите деца“
- Детали
- понеделник, 11 мај 2026
„По операцијата сама се вратив дома. Со завои од канили, со преврски, со попатно испазарени полни кеси за следната недела мирување и со срце полно благодарност што се враќам кај оние кои ги носев, доев, тешев, исправував на нозе сама. И паралелно, со години, се исправував и себеси“, вели Дороти Пачкова од Скопје, вистинска хероина од реалноста, која објави фотографија и исповед од болнички кревет.

Дороти Пачкова од Скопје е активистка за правата на жените, магистер, родова експертка, мајка на три деца.
Таа на својот Фејсбук профил постојано говори за мајчинството, објавува фотографии од доење во јавност, а кажува и колку е тешко да се растат деца без помош.
Нејзината емотивна исповед:
„Да зборуваме за она што најчесто се премолчува за мајките …
Во растењето на моите три деца, немав „десна рака“.
Ги носев, доев, тешев, исправував на нозе сама.
И паралелно, со години, се исправував и себеси.
И исправував неисправливи други луѓе пречесто…

Се појавував за нив со ковид, со температури, со бактерии, со скршено срце, со загубени битки, по загубени пријателства, со грижа за други луѓе, со пропаднати проекти, по абортирани бизнис зделки, по погреби и загуби, по непроспиени ноќи, по хенговер, и по денови кога душата ми била празна, а телото исцрпено.
Речиси 15 години за мојот првороден човек.
Речиси 6 години за мојата срединка, шлагчето на нашето семејство, Ноа.
И 4,5 години за мојата принцеза Софи.
И покрај сè, кога минатата недела добив експресен термин за операција, првата мисла не ми беше за мене.
Беше стравот:
„Ако нешто тргне наопаку, моите деца ќе останат сами на светов.“

Па, се обидов тој страв да го рифрејмувам.
Да го видам болничкиот престој како дозвола конечно да здивнам. Да одморам. Да престанам барем накратко да бидам столбот што постојано држи сè и сите.
Но, утрото пред да заминам во болница, се случи неочекуван пресврт.
Го гледав домот како првпат да го гледам.
Ги бакнував нивните работи наместо да ги пакувам моите.
Ми доаѓаше да ги галам креветчињата.

И си дозволив да плачам од длабока, речиси болна благодарност што токму мене ми е дадено да бидам нивна мајка, да ги гледам како растат, како им менуваат очите нијанси кога ги шибаат емоции и како ме гледаат со заљубени очи кои веруваат дека мојот бакнеж е лек за се и нивното секое „мамо крени ме“ посакувам да го понесам во вечност!
На прием задоцнив.
И воопшто не ми беше важно.