Елвин, иден онколог од Штип, ја изгуби мајка си од рак: „Нејзината најголема грижа додека беше болна ѝ бевме ние - нејзините деца“
- Детали
- сабота, 19 јули 2025
„Мајка ми ја водеше најтешката битка во животот — битката со канцерот. Но, не само против болеста, туку и против осаменоста. Во чекалните, во болничките соби каде што тлееше само мирисот на лекови, а во празните ноќи знаеше само во себе да залелека за болката, за која немаше кому да каже“, вели Елвин Шакиров (24), иден онколог oд Штип, кој во име на мајка си направи потег за восхит.

Елвин Шакиров (24) oд Штип е студент на општа медицина (5-та година) при Универзитетот „Гоце Делчев“. Тој како насока ја избрал онкологијата, медицинска гранка која се занимава со проучување, дијагноза, третман и превенција на рак.
Неговата мајка Гордана Шакирова, која му била најголема поддршка и инспирација во животот, починала од карцином на дојка на 50-годишна возраст во 2018-та година.
Инспириран од нејзината тешка борба, тој отвори Фејсбук група за поддршка на онколошките пациенти „Не си сам/а во оваа борба“ затоа што вели дека знае дека најтешко е кога боли, а нема кој да те слушне...

За CRNOBELO.com тој вели:
„Мајка ми ја водеше најтешката битка во животот - битката со канцерот. Но, не само против болеста, туку и против осаменоста.
Во чекалните, во болничките соби каде што тлееше само мирисот на лекови, а во празните ноќи знаеше само во себе да залелека за болката, за која немаше кому да каже.
Ја држеше за рака само тишината и надежта, а во тие моменти, осаменоста знае да здоболи повеќе од секој симптом.
Таа болка ја видов. Ја почувствував. И ме скрши, но од тие парчиња, изградив нешто што ќе ги стопли другите – затоа што никој не заслужува да страда тивко и сам, токму каква што е оваа подмолна болест.
„Не си сам/а во оваа борба“ групата е основана затоа што не сакавме повеќе ниту еден човек да страда низ овој тежок пат сам. Нашата мисија е едноставна, но моќна – да бидеме глас за оние што молчат, да бидеме рамо за оние што тивко плачат, да бидеме присуство кога секој друг заминува.
Знаеме што значи да поминуваш низ хемотерапија со страв, тишина, болка и безнадежност во очите и срцето.
Знаеме дека не боли само телото, туку и душата што копнее по разбирање и поддршка. Затоа постоиме. Да кажеме: „Тука сме. Чекориме со тебе. Ќе биде тешко, но нема да бидеш сам/а“.
Оваа битка секој ја води на свој начин, но не мора да ја води сам. И ако барем една душа почувствува дека е видена, слушната, прифатена - тогаш сме успеале.
Не си сам и не си сама! И кога темнината ќе ја обземе душата кревка знај некој чекори со тебе! Сега, и засекогаш.
Од срце сакам да изразам бесконечна благодарност до Мерсида Велиова, Ангела Марковска, Мелиса Кариман и Мелис Хазал Бекташ – за нивната посветеност, труд и исклучителната улога која несебично ја пружаат во нашата заедница, што се издигнува над болката и создава мостови на разбирање и љубов.
Во оваа група секој член наоѓа утеха и сила, а соединувајќи ги своите срца, заедно чекориме кон успех и подобро утре“.
Инаку, Елвин ја изгубил неговата мајка Гордана Шакирова на 22.07.2023. Кога починала на 50-годишна возраст во 2018-та година, тој лек за болката пронашол во пишаниот збор.

Пишувал од нејзино име затоа што знаел како таа се чувствувала за време на тешката борба.
Иако млад, тој бил свесен какви тешки битки води неговата мајка, неговиот идол.
Зборовите кои Елвин ги напишал во нејзино име ќе ве трогнат:
Еден хемотерапевтски ден
„Станав рано утрово пред сонцето да изгрее. Се упатив кон кујната, си сварив кафе и запалив една цигара, долго време размислував за мојата пеколна судбина и болест, потоа размислував и за моите деца.
Што ќе прават тие без мене доколку ја изгубам оваа битка?
Ете ја првата солза, па втората, па третата… солзите паѓаа по моето лице една по една без престан, наеднаш се почувствував како да тонам во времето и наеднаш почнав да викам на цел глас и почнав гласно да плачам, но знаев и самата дека никој не може да ме слушне затоа што на мене душата ми плачеше и гласно врескаше на цел глас, но тоа беше длабоко во мене.
Наеднаш се вратив во реалноста и си ги избришав солзите од лицето.
Забележав дека часовникот е 6:30, станав и најпрво се упатив кон моето најголемо богатство - моите деца.
Влегов во нивните соби ги бакнав во чело додека тие слатко спиеја, нивниот мирис ми даваше сила за борба со оваа пеколна болест.
(Дел исто така напишан од нејзиниот син, но во свое име, не во име на мајка си:
Јас ги затворав очите преправајќи се дека спијам. Знаеше таа дека не е така, но закопано стоеше и немо ме гледаше покрај мојата постела.
Го слушнав свирежот од надвор кој беше толку силен или мене ми се чинеше таков. Да, тоа беше повикот за мама, повикот за соочување со неизвесноста, повикот за борба…
Замина тивко, но јас ѝ го слушав одот. Одеднаш татнеж ме обезглави, барем така ми се стори на мене.
Тоа беше будилникот кој ме будеше за на училиште. За момент се израдував бидејќи само тогаш ми залутаа мислите неповрзани со мајка ми...)
Требаше да одам за Скопје на преглед и на терапија, после две минути автомобилот стигна пред мојот дом и свирна. Си ја зедов чантата и шише вода и излегов надвор.
Се качив во таксито и му реков на возачот одиме за Скопје во Државната болница, а додека се возев размислував само за моите деца.
Кога стигнав во Скопје таксито ме остави пред Државната болница, а потоа јас се упатив кон онколошкиот дел во болницата, одев бавно со кратки чекори исплашена за сопствената судбина, но всушност јас не бев исплашена за себе, јас бев исплашена за моите деца.
По долго одење, стигнав во онколошкиот дел од болницата, седнав во делот за чекање и долго време чекав да ми дојде редот.
Потоа, еден нежен глас го изговори моето име „Гордана Шакирова“ (МАМО ТИ БЕШЕ ВИСТИНСКА ЛАВИЦА), станав и полека се упатив кон просторијата пред која стоеше една млада девојка со папка во своите раце.
Повелете влезете, ми рече љубезно младата девојка, докторката веднаш ќе дојде да ве прегледа, вие подгответе се за прегледот.
Ако ви е потребна помош да ви помогнам - Не, благодарам, можам и самата ѝ одговорив.
По долги пет минути, што ми се чинеа како вечност, дојде докторката да ме прегледа.
Најпрво ме праша како се чувствувам и дали имам болки, а јас на ова ѝ одговорив дека не ми е баш најдобро и дека во последно време имам многу јаки болки кои едвај ги издржувам.
Потоа, таа запиша нешто во медицинскиот картон и започна со прегледот.
По овој долг и исцрпувачки преглед ми рече дека можам да се спремам за хемотерапијата и дека конечно можам да започнам со хемотерапија.
Потоа стана и излезе од собата, отиде да зборува со медицинските сестри за да ми ја подготват терапијата.
По два часа конечно започнав со мојата хемотерапија, поминав четири часа лежејки во болничкиот кревет со иглата во мојата рака.
Оваа хемотерапија многу ме исцрпи. Откако завршив со терапијата се спремив за да си одам дома, истото такси ме чекаше пред болницата, се качив во таксито и тргнавме накај дома.
По патот мислев само на моите деца и дали оваа терапија воопшто ќе ми помогне да се чувствувам подобро.
По двочасовно возење конечно стигнав дома во 20:00 навечер, излегов од таксито и се упатив кон куќата, ми се чинеше дека сум изодела километри долг пат додека стигнав до портата.
Влегов дома и моите со насмевка и прегратки ме очекуваа, бев многу среќна што имам семејство како нив, тие ми даваа сила за да не се откажам и да продолжам со мојата животна борба.
Моите деца беа мојата среќа без разлика колку лошо и да се чувствувам, тоа не сакав да го покажам пред нив, сакав да бидам силна, сакав да им покажам дека јас не сум губитник, дека ќе се борам до крај и нема да се откажам од оваа борба.
Тие беа оние кои ми беа сè, ми беше важно тие да се среќни и да се чувствуваат добро. Кога ќе видев насмевка на нивните лица јас бев среќна затоа што и тие беа.

(Напишано од нејзиниот син:
Мамо ти си борец, лавица која и последната воздишка ја задржуваше само да го осети нашиот мирис, нашата присутност.
Една од причините за формирање на оваа група за поддршка на онколошки пациенти „Не си сам/а во оваа борба“ се многуте такви тешки денови со хемотерапија, кои ги поминуваат нашите најмили...
Еден хемотерапевтски ден (дел 2)
„Прво нешто кога станувам, не ми паѓа на ум ниту болката, ниту телото, ниту ракот.
Првото што ми паѓа на ум се моите деца.
Моето битие. Моето „зошто“.
Како и секогаш, влегувам на прсти во нивната соба. Синот ми пак не е покриен.
Тивко го прекрив, внимавајќи да не го разбудам.
Само што ќе му го видам лицето додека спие – срцето ми се стега и се шири во исто време.
Љубов. Страв. Живот. Сè наеднаш.
Се упатив во кујната да си направам кафе. Во новиот филџан.
Синот ми ми го подари за роденден. Бел, со натпис:
„Среќа е да се има мајка како тебе“.
Го држам тој филџан секое утро.
Се трудам да ја задржам среќата.
Да се потсетам дека вредам, дека значам, дека сум потребна.
Седнувам и молк.
А потоа …
Почнуваат да доаѓаат. Гадните, тешки мисли.
Тие што ми викаат шепотејќи:
„А што ако …?“
„А што ако денес нешто се случи?“
„А што ако не се вратам од следната контрола?“
„А што ако ова е последното утро што ги гледам?“
И тогаш…
Не се плашам за себе.
Нека дојде.
Нека ме зграпчи канцерот.
Нека ме однесе каде сака, нека ми прави што сака.
Нека ми ги земе градите, косата, кожата, женственоста.
Но, моите деца…
Што ќе прават без мене?
Што ќе прават во тешки животни епизоди?
Што ќе прават кога ќе сакаат некого да стиснат многу силно и да вреснат на цел глас – а јас да не сум таму?
Што ќе прави тој фраер, мојот син,
кога ќе му влезе во животот некоја личност и ќе му го расецка срцето на милион парчиња што горат?
А мене ќе ме нема…
Го знам – многу ќе му биде тешко да се справи со тој предизвик.
Ме боли премногу што нема да можам да бидам тука тој ден покрај него.
Што ќе прават кога ќе бидат болни и ќе посакаат да спијат до мене, само за да почувствуваат дека се безбедни?
Секое „што ако“ е како кибритче.
Ми го пали срцето, едно по едно.
И не гори само.
Гори со пламен што не можеш да го изгасиш.
Ја стискам шолјата.
Станувам.
(Дел напишан од нејзиниот син:
А МАЈКИТЕ НЕ УМИРААТ.
СЕ ВРЕЖУВААТ ВО СРЦАТА.
СРЕЌЕН РОДЕНДЕН МАМО …
07.07.2025
ГОРДАНА ШАКИРОВА)
С. С. | Црнобело
