Таско (29) за борбата со алкохолот: „Чист сум 8 месеци, си признав дека имам проблем и ги фрлив шишињата што ме искушуваа“
- Детали
- среда, 06 август 2025
„Пиев 15 години. Секој втор ден, алкохолот ми беше сè - утеха, бегство, изговор. Го изгубив времето, луѓето, љубовта. Се изгубив себе. Се будев со треперливи раце, со глава тешка како камен, со срам кој не сакаше да молчи. Но една вечер, нешто се скрши. Одлучив. Последната чаша беше последната капка. Повторно дишам. Повторно сум буден. И конечно присутен“ - пишува Таско за борбата со алкохолот.

Од почетокот на 2025 година, Христијан Тасковски Таско (29) неколкупати јавно зборуваше за своите демони и како на Нова година решил да сврти нов лист во животот и да тргне по патот на светлината.
Тој откри дека последниве години скоро секојдневно бил под дејство на алкохол, честопати не знаејќи каде е и што прави и дека сето тоа му создавало голема грижа на совест наутро, но дека не излегувал од маѓепсаниот круг во кој живеел.
Музичарот излезе со нова објава на Инстаграм, во која вели дека му требало долго време да си признае на себе, но и да си прости некои работи.
Првата личност на која ѝ кажал дека му треба поддршка, била сопругата Наташа, која е покрај него во секој чекор од секојдневната промена, но и борба.

Во својата најнова објава на Инстаграм, Таско пишува:
„Пиев 15 години. Секој втор ден, алкохолот ми беше сè - утеха, бегство, изговор. Го изгубив времето, луѓето, љубовта.
Се изгубив себе. Се будев со треперливи раце, со глава тешка како камен, со срам кој не сакаше да молчи.
Но една вечер, нешто се скрши. Или можеби - се роди.
Одлучив. Последната чаша беше последната капка. Оттогаш поминаа 8 месеци. 8 месеци без алкохол. 8 месеци борба. 8 месеци вистински живот.
Не е лесно - но вреди. Повторно дишам. Повторно сум буден. И конечно сум присутен.

Првата недела на мојата вистинска промена:
ДЕН 1 - Одлука
Си признав: „Имам проблем“. Не за светот, туку за себе. Напишав зошто сакам да се променам. Тоа ми е потсетник кога ќе затреперам.
ДЕН 2 - Поддршка
Кажав на еден човек што го почитувам, дека не пијам. Тоа беше мојата сопруга. Барав поддршка, не сожалување. Кога луѓето вистински те сакаат, ќе те поддржат безусловно во твојата борба.
ДЕН 3 - Чистење
Го исчистив домот од сè што ме искушува. Ги фрлив шишињата. Секоја фрлена капка беше чекор поблиску до слободата.

ДЕН 4 - Телото е мојот сојузник
Започнав со вежбање. Почнав да пијам многу вода. Јадев нешто што навистина го храни телото, не што го уништува.
ДЕН 5 - Нови навики
Времето кое порано го трошев пиејќи, го заменив со пишување, дружење со моето семејство и слушање музика. Открив дека има нешта кои ме полнат со мир.

ДЕН 6 - Простување
Си простив. Не заборавив - но си простив. Минатото не ме дефинира. Јас сум промената што ја градам, не грешката што сум ја направил.
ДЕН 7 - Новото јас
Напишав писмо до себеси од пред една година. Му кажав дека има надеж. И секое утро си повторувам: „Јас сум жив. Јас сум вреден. Јас сум трезен. Чим стигнав до тука, можам да стигнам подалеку“.
Секој ден ми е нова шанса. Не е лесен патот. Но јас одам. И не се враќам назад.
Ако си на почетокот - не се плаши. Ако можев јас, можеш и ти“.

Погледнете го видеото:
Прочитајте и Таско никогаш поискрен: Си го честита роденденот со песна за личните демони и необјавени семејни видеа
А. Ј. | Црнобело
