На одмор со шеф Никола во Неа Флогита: „Си носиме чадор и лежалки на плажа, секоја вечер возиме ролерки“
- Детали
- петок, 24 јули 2026
„Најмалата ќерка нè насмеа најмногу. Цел ден собираше школки и полжавчиња на плажа, па сама си седна на шеталиштето и реши дека ќе ги продава. Си направи свое „штандче“ и ги убедуваше луѓето дека тоа се најубавите школки во Грција. Сите застануваа, се смееја и ја фотографираа. Овој момент долго ќе го паметиме“, вели шеф Никола за CRNOBELO.com.

Никола Мишковски, или шеф Никола, како што го знаат сите, е на прекрасен семеен одмор во Грција. Годинава, со сопругата како дестинација ја избраа Неа Флогита, а таму се со своите две ќерки.
Освен што уживаат на плажа, тие возат и ролерки низ гратчето, а шеф Никола се забавува и возејќи SUP-даска.

За летувањето со своите најсакани, шеф Никола раскажа за CRNOBELO.com:
Каде сте на одмор годинава? Дали сте првпат таму или традиционално веќе го бирате за одмор?
Годинава сме во Неа Флогита, Грција.
Не ни е првпат, веќе традиционално го избираме ова место затоа што ни нуди сè што ни треба за мирен семеен одмор.
Кога еднаш ќе најдеш место каде сите се среќни, нема потреба многу да експериментираш.

Во каков тип на сместување сте - апартман, камп, хотел? Дали е блиску до плажа?
Секогаш сме во апартман и буквално сме на самата плажа.
Од терасата до морето има дваесетина метри.
Тоа е огромна предност кога си со две деца - нема носење работи по километри и секогаш можеш брзо да се вратиш ако затреба нешто.
Дали избирате плажа со лежалки или си носите реквизити? Без што не смеете да отидете на плажа?
Ние сме од оние што си носат сè - чадор, столчиња и добра волја.
Така сме најопуштени и не зависиме од лежалки.
Само ќе си најдеме убаво место и уживањето може да почне.
Со деца нема „само пешкир“. Носиме кофи, лопатки, топки, душеци… а јас задолжително и SUP-от.
Искрено, повеќе децата го користат за да скокаат од него во вода отколку јас за возење.

Какво е местото, дали има за шетање навечер?
Тоа најмногу ни се допаѓа. Мирно е, тивко, има долго шеталиште покрај морето, многу таверни, кафулиња и убави места за вечерна прошетка.
Со децата речиси секоја вечер возиме ролери покрај морето и тоа ни стана омилен ритуал.
А какво е морето, го препорачуваш ли за одмор со деца?
Апсолутно. Морето е чисто, мирно и постепено станува подлабоко, што е идеално за семејства.
Моите деца толку ја сакаат водата, што најголемиот проблем ни е како да ги извадиме од море кога ќе дојде време за ручек.
