На одмор со шеф Никола во Неа Флогита: „Си носиме чадор и лежалки на плажа, секоја вечер возиме ролерки“
Какви беа цените сезонава?
Би рекол дека се слични како лани. Гиро е околу 4 евра, кафе околу 3 евра.
Лежалки не користиме, па тој дел не го следиме.
За една убава вечера во таверна за четиричлено семејство треба да одвоиш од 80 до 150 евра, зависи колку сме гладни и што ќе нарачаме (ха, ха).
Дали сакаш да готвиш кога си на одмор или бираш хотел со оброци?
Иако сум готвач, на одмор не бегам од кујната.
Често им подготвуваме на децата тоа што најмногу сакаат, а сопругата и јас внимаваме на исхраната и си правиме лесни и здрави оброци.
Така се чувствуваме најдобро и не се враќаме дома со неколку килограми плус.

Сакаат ли децата да пливаат или имаат страв од вода?
Никаков страв. Напротив, мислам дека би останале во вода по цел ден ако им дозволиме.
Тоа е нивното омилено место.
А како се снаоѓаш ти со SUP-от?
SUP-от ми е задолжителен дел од летниот одмор.
Сакам екстремни спортови и секогаш барам начин да бидам активен.
Но, кога си татко, мора да прифатиш дека децата многу брзо ќе го „преземат“ и ќе го претворат во нивна играчка за скокање во море.

Раскажи ми една забавна случка од летувањето...
Со деца секој ден е нова авантура. Но, една од најинтересните работи беше што и двете инсистираа да им ги исплетат косите во афро-плетенки.
Ги добија плетенките и потоа неколку дена шетаа гордо како да се на модна писта.
Но, најмалата нè насмеа најмногу. Цел ден собираше школки и полжавчиња на плажа, а потоа сама си седна на шеталиштето и реши дека ќе ги продава.
Си направи свое „штандче“ и ги убедуваше луѓето дека тоа се најубавите школки во Грција.
Сите застануваа, се смееја и ја фотографираа.
Тоа беше момент што сигурно долго ќе го паметиме и ќе го прераскажуваме дома.
Искрено, мислам дека одморите се најубави кога не брзаш никаде.
Добро друштво, мирно море, насмеани деца и време поминато со семејството - тоа е луксузот што најмногу го ценам.
Неа Флогита повторно ни покажа зошто секогаш со задоволство ѝ се враќаме.

Кликнете и погледнете видео со моменти од нивниот одмор:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело