Тамара маестрална на концертот за Кочани - започна со 1-минутен молк, пееше со грутка во грло и солзи во очи, ја сплоти публиката (видео)
- Детали
- петок, 09 мај 2025
Го започна концертот со 1 минута молк за загинатите во Кочани, ги отпеа нејзините најголеми хитови со аранжман адаптиран за пригодата, ни ги наврати спомените и на прерано заминатите Тоше Проески и Влатко Илиевски, но ѝ ја отпеа „Кога те нема“ и на Сара Пројковска чиј живот згасна во трагедијата во Кочани, а ни ги стегна душите и ни ги наполни очите со солзи додека ја пееше химната на животот „Ако утре ме нема“ од ДНК - хуманитарниот концерт на Тамара беше преполн со измешани емоции.
Нема доволно зборови со кои може да се опишaт емоциите на синоќешниот концерт на Тамара Тодевска, која уште еднаш покажа дека е маестрална – од вокални способности, до професионалност и шармантност, со искрени реакции и во време на плачење и болка, успеа да ги сплоти сите преку музика на соодветен начин.
Собраните средства ќе бидат донирани за настраданите и повредените од трагедијата во Кочани, која ја зави Македонија во црно на 16 март.
Концертот се одржа во МКЦ Скопје, а Тамара најави дека долго се работело на аранжманот на песните, со цел да биде соодветен за пригодата и ситуацијата.
Таа излезе на сцената облечена во црн комплет со здолниште и брош во вид на солза, кој беше симбол за тагата која сите ја носиме во нас по таа кобна вечер, а настанот го започна со 1-минутен молк.
„Добра вечер добри луѓе, добродојдовтe нa нашиот хуманитарен концерт, ви благодарам на сите што сте овде вечерва. Сакам оваа манифестација да ја почнеме со 1-минутен молк за сите загинати во Кочани“.
Првата песна која ја изведе беше „Тешко без тебе“, која симболично сите ја почувствуваа посилно од кога било, а потоа продолжи да ги ниже нејзините најголеми хитови, дури и оние кои не ги отпеала повеќе од 20 години.
„Сино е“, „Смешно зар не“, „Седмо небо“, „Немирна ко ветер“, „1003“ и уште многу други песни кои сите ги пееја во еден глас, но таа ги претстави пред публиката со променет аранжман на кој со тимот работеле со месеци за да бидат соодветни и прикладни за пригодата и ги отпеа со грациозност, елеганција и посебна енергија.
„Одлични сте“ – довикна некој од публиката, а Тамара слатко се насмеа и рече „Тоа беше мајка ми инаку“.
За време на концертот им пееше и на нејзините деца Хана и Дарен, кои уживаа во нејзиниот настап заедно со Лука, родителите на Тамара и други членови од семејството што ѝ се најголема поддршка.
Освен нејзините добропознати песни, таа отпеа и песна на нејзиниот колега и пријател Роберт Билбилов, „Чудни места“, за која рече дека многу ѝ се допаѓа, па ќе му ја украде.
Како да не беа доволно емоции, Тамара дополнително ги врати спомените на повеќе наши музичари кои прерано заминаа од овој свет.
Таа се потсети на нашиот најголем хуманитарец Тоше Проески, за кого кажа дека бил човек со огромно срце и прекрасен пријател, колега и музичар, а потоа ја отпеа нејзината омилена песна од него „Најдрага моја“.
Подоцна на сцената го покани Ненад Вржалски, еден од основачите на supportkocani.com, платформата која тим наши луѓе ја создадоа со цел да се собираат донации и навремено да стигнат до семејствата на повредените на кои им се најмногу потребни, a деноноќно работат на тоа.