„Бев на Златна Бубамара 2026 - Игор нè доведе до солзи за ангелите од Кочани, Сашко Коцев не се појави“
Тој шеговито ја отвори манифестацијата со зборовите:
„Ви благодарам што не возевте брзо додека доаѓавте наваму“, нормално алудирајќи на „Сејф сити“.
Што не ми се допадна?
Тоа што не се појави Сашко Коцев! И не дека кумановскиот актер и комичар Жарко Јовановиќ, како и Тино и Атанас и Игор Џамбазов нe беа доволни.
Но, јас засекогаш останувам Сашко Коцев тим!
И да започнам од почеток...
Владимир Четкар со свој настап ја отвори годинешната Златна Бубамара, а ја доби и наградата за најпопуларен џез музичар.
И се пошегува дека конечно оваа статуетка стигнала во негови раце, но тој останува вечно млад, па не му било проблем да почека.
Потоа, на сцената се појави нашата Тина Русева, која допатува директно од Германија. Таков ѕвонлив глас и моќен вокал не сум слушнала навистина одамна. Тина ни ја отпеа „Не допирај ме“ од Маја Оџаклиевска.
Таа доби награда за најперспективна млада пејачка и изјави:
„Прегорда сум што бев на Гласот на Германија, па на Гласот на Европа, но јас секогаш ќе бидам гласот на Македонија“.
Потоа, на сцената го видовме Влатко Стефановски, кој со право беше најавен како најдобриот гитарист на сите времиња.
Тој му додели награда на виртуозот тромбонист и пијанист Дамир Имери.
Дамир ѝ се заблагодари на сопругата за целата поддршка низ годините, а го покани синот Дино Имери да изведе композиција на пијано.
Комичарот од Куманово, Жарко Јовановиќ, во својот стендап настап годинава повторно го имитираше експремиерот Никола Груевски и се пофали:
„Од последната Златна Бубамара, сè ми тргна по нагорна линија“.
Па, имаше шеги и на тема Унгарија, Струмица, Ципрас и што уште не.
Потоа, сцената му припадна на македонскиот Том Џонс, музичарот Круме Спасовски, кој ја отпеа култната „Чудна жена беше Вера“ и нè размрда сите на столчињата.
