„Бев на Златна Бубамара 2026 - Игор нè доведе до солзи за ангелите од Кочани, Сашко Коцев не се појави“
Па, на сцената ја видовме британската сензација „Delegation“, кои со соул фанк ритамот буквално ја станаа публиката на нозе.
Ранко не дозволи да седи никој од првите редови.
Игор Џамбазов, по овој настап, одлично заклучи дека Златна Бубамара годинава стана светска манифестација, па имаше настап со еден од нашите најдобри вокали – Ана Петановска.
Игор потоа ѝ додели награда за трајни вредности на уште една светска сензација, а тоа беше Марта Хај, која допатува специјално од САД.
Во розово црвен фустан таа издоминира на сцената и покажа дека годините се само бројка.
„Мило ми е што оваа награда ќе ја однесам во Америка и ќе покажа дека соул музиката е во сечие срце, дури и тука во Македонија“.
За време на нејзиниот настап цела сала беше на нозе и имаше овации, а Игор шеговито ѝ сподели:
„Јас бев многу хај во младоста“.
Потоа, наградата за откритие на годината му припадна на Јаков Јозиновиќ, кој изјави:
„Чест ми е за оваа награда! Да слушнев дека некој ме знае во Македонија ќе бев воодушевен, а не, пак, дека ќе добијам награда – буквално немаше да верувам“.
Игор Џамбазов, како и секоја година, таа и оваа, го имаше најтешкиот и најтажен дел, да ги спомене имињата на сите што ги изгубивме.
„Ова ќе биде една од најтажните Бубамари досега“, заклучи тој со оглед на огромната листа на уметници што ги изгубивме во изминатата година.
Тоше Поп Симонов, Драган Б. Костиќ, Васил Рингов, Тихомир Јанчовски, Милка Ефтимова, Соња Каранџуловска и многу други.
А, потоа, Игор се посвети за најболната трагедија со која се соочивме во 2025-та и запраша:
„Кој ги уби децата во Кочани? Ги убија наши неодговорни луѓе, нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, награден со алчност и корупција. Тоа е новиот лик на светот, кој никому не му се допаѓа.
Кому пречеа? Тие деца не пречеа никому! Само се жртви на еден голем хаос, кој зацрни цел еден град. Слава им на ангелите!“, е дел од неговиот трогателен говор.
Цела сала стоеше на нозе, а Игор порача:
„Нека чекорат по облаците. Небото ги заслужува повеќе од нас!“
Потоа почна да ги реди имињата на сите од бендот од ДНК, кои ги загубија животите во оваа трагедија.
„Сара Пројковска ми беше поддршка 10 години на сцената на Бубамара. Ах, хуманиот Андреј се враќал да спасува деца и настрадал од цијанид, а Панчо? Тој почина кога ја дозна веста за трагедијата“.
Потоа ги спомена сите останати настрадани од бендот и нагласи какви луѓе со огромни срца биле тие и колку Македонија изгуби.
Игор нè потсети и дека изминаа 50 години од смртта на Никола Бадев.
Па, сите гордо стоевме при изведбата на „Ах, бре Македонче“.
Доминација на сцената имаа Калиопи и Слаткар.
Калиопи зема награда за најдобра пејачка, а Слаткар за најдобра песна за нивниот дует „Води ме“.
„Те сакам и го сакам она што го работиш!“, емотивно му се обрати Калиопи на Слаткар, кој на звуците од Имери многу полесно ѝ се обрати на публиката, буквално како низ песна, без сецкање, како што вели самиот тој.
Хостесите на модното студио Црнокрак и годинава беа на сцената.
