„Бев на Златна Бубамара 2026 - Игор нè доведе до солзи за ангелите од Кочани, Сашко Коцев не се појави“
- Детали
- петок, 27 февруари 2026
Тино и Атанас се појавија на сцената на 1 час по почетокот на манифестацијата и издоминираа со „монтираните и крадени“ политички шеги. Игор Џамбазов ни ги скрши срцата со „Ова ќе биде една од најтажните Бубамари досега... Кој ни ги уби ангелите од Кочани“. Тина Русева вокално издоминира и покажа зошто ни е европска гордост. Настанот имаше светски имиња, траеше 3 и пол часа... Што ми се допадна, а што не ми се допадна?

Вчеравечер (26.02) се одржа 29-тото издание на „Златна бубамара на популарноста“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Беше ветена апсолутна забава и токму таква ни беше приредена, можеби дури за првпат со толку многу ѕвезди од регионот и светски имиња.
Беше спектакл, се смеевме и на тема апсолутна власт, плачевме и за ангелите кои ги изгубивме во трагедијата во Кочани, но имавме и блага нишка на разочараност на лицето, кога по околу час и половина од почетокот на настанот дознавме дека Сашко Коцев годинава нема да се појави на сцената на Златна Бубамара.
Игор искрено сподели дека неговата аура недостига и во бекстејџот, но дека снима серија во Србија, која е навистина важна за неговата кариера и дека поради тоа не можел да присуствува годинава.
Но, се разбира, тука беше познатото дуо Тино и Атанас кои годинава беа неверојатно синхронизирани на шеги за апсолутната власт во Македонија, па беа споменувани и имиња на конкретни политичари и директни шеги поврзани со нивниот лик и дело.
„Шегите ни се монтирани, друг ги пишува, сите се крадени, да се оградиме однапред за сè што ќе кажеме вечерва, но и да се извиниме за сè што кажавме минатата година“, се оградија тие.
И што ми се допадна на Златна Бубамара во поглед на организацискиот дел?
Тоа што настанот закажан во 20 часот, започна во 20:10 часот, односно луѓето горе долу беа пристигнати на време, за секоја пофалба. Го немаше ефектот на стадо, односно сите доцнат, па ајде и ние ќе доцниме.
И да сум јас во организација на настани, секогаш би ја заклучувала вратата, најдоцна 15 минути по закажаниот термин за да се покаже почит кон уметниците и конечно да се научиме на култура. Но, годинава покажавме дека сме на добар пат!
Потоа, имаше многу редари, кои веднаш ве упатуваа до местото на седење, а сцената изгледаше буквално светски. Со одлично осветлување и многу музичари на неа, видовме гламур како што се очекува од манифестација од овој ранг.
Дури и еден од регионалните гости, момчето што стана хит во регионот Јаков Јозиниќ, искрено кажа:
„Чест ми е што сум на манифестација која има повеќе години од мене“.
И навистина е така, чест ни е што си ја имаме Златна Бубамара.
Таа повторно направи одлична ретроспектива на изминатата година, овој пат спакувано во 3 часа и 30 минути, тајминг што е многу подобар за сите присутни, отколку, како што се сеќавам пред неколку години кога столчињата „ни станаа претврди“ по 4 часа и 40 минути минати во публиката.
Со повеќе од 120 учесници, оваа Бубамара покажа дека Ранко Петровиќ знае како да ѝ даде нов шарм и по 29 години постоење, но и да ги држи конците во рака – во поглед на техничка точност, но и кревање на атмосферата.
Самиот тој движеше меѓу публиката во партерот во одредени мигови и буквално ги стануваше сите на нозе да играат.
