Со едно купување до подобар живот за уличните мачки: Хуманитарна тезга на 5 јули во Скопје
- Детали
- петок, 03 јули 2026
На 5 јули, во рамки на трифт поп-ап базар за облека и предмети од втора рака, во Макка Бар во Скопје ќе биде поставена и хуманитарна тезга на „TreasuredTwice“, чија цел е поддршка на уличните мачки.

Посетителите ќе имаат можност да купат внимателно одбрани парчиња од втора рака, како и рачни изработки со тематика мачиња, а целиот приход од продажбата на оваа тезга ќе биде наменет за стерилизација на бездомни мачки.
Иницијативата ја организира Теадора Стефановска, основач на Инстаграм профилот „TreasuredTwice“, заедно со пријателите Нико Росоклија, Калина Фиона Милошевска, Дамјан Шоќев, Ирена Латиновска, Надја Хабахбех и Јаков.
Настанот се реализира со поддршка и насоки од активисти за заштита на животните во Скопје, меѓу кои и Афродита Муслиу, активистка од 2019 година. Нејзината спасена мачка Нера, згрижена пред пет години, е инспирација за постерот изработен од Јаков (Инстаграм @twmutt).
Собраните средства ќе бидат искористени за покривање на трошоците за стерилизација, вклучувајќи предоперативна и постоперативна грижа, како и обезбедување услови за привремено згрижување (фостер) на мачките.
Стерилизацијата е еден од најефикасните начини за контрола на популацијата на бездомни мачки и спречување на нивното понатамошно страдање. Организаторите истакнуваат дека и една стерилизација прави значајна разлика.
Настанот ќе се одржи на 5 јули, од 18:30 до 22:30 часот, во Макка Бар.
Граѓаните се повикуваат да ја посетат хуманитарната тезга на „TreasuredTwice“, да поддржат важна кауза и да пронајдат уникатни парчиња за себе или за своите најблиски.