Панел дискусија на Отворена порта: Давањето пари на децата на улица претставува поддржување на нивната експлоатација
- Детали
- среда, 27 декември 2023
Скопје, 27 декември 2023 – Давањето пари на децата на улица претставува поддржување на нивната експлоатација. Ова е една од клучните препораки која произлезе од панел – дискусијата организирана од Отворена порта – Ла страда во рамки на проектот „Заштити ги децата на улица“ дел од е програмата „Зајакнување на владеењето на правото и човековите права во Северна Македонија III“, поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На панел дискусијата учествуваа претставниците на институциите, на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Националниот механизам за упатување на жртви, мобилните тимови за идентификација на жртви, невладини и меѓународните организации и други.
Учениците во дискусијата сметаат дека се потребни кампањи за подигање на јавната свест за овој проблем, како и дека трговијата со деца особено за принудно питачење на деца, е повеќеслоен проблем и бара соработка помеѓу институциите и организациите со цел превенирање и сузбивање на трговија и експлоатација на деца. Се нагласи сериозната потреба од зголемување на бројот на згрижувачки семејства за заштита на деца под ризик и реинтеграција на деца жртви на трговија со луѓе.
Потребни се обуки за правосудните органи за да ги препознаат односно разграничат кривичните дела запуштање и малтретирање на малолетно лице (член 201, став 1 и 2) и трговија со дете (член 418-г од Кривичниот законик).
Клучна е и потребата од зајакнување на соработката меѓу органите за спроведување на законот, општите даватели на социјални услуги и службите за борба против трговијата со луѓе за да се подобрат мерките за спречување на трговијата со луѓе, како и вклучување на професионалци од маргинализирани групи во овие услуги и соработка со граѓански организации.
Потребно е обезбедување на еднаков пристап до општите социјални услуги како образование, здравствена заштита, услуги за вработување и социјална поддршка на припадниците на маргинализираните групи вклучително и преку употреба на афирмативни мерки за намалување на ранливоста на трговија со луѓе.
Во рамки на проектот „Заштити ги децата на улица“ во соработка со партнерски организации, Отворена порта-Ла Страда спроведе осум работилници во кои беа вклучени повеќе од 130 родители и млади кои беа запознати со феноменот трговија со луѓе, како да препознаат потенцијална опасност и да се заштитат себе си и останатите околу нив.
Одржани се и 36 сесии за психолошка поддршка на потенцијални жртви и жртви на трговија со луѓе за да има се помогне за надминување на траумите и реинтеграција.
Проектот имаше за цел да ја подигне јавната свест и разбирање за трговијата со луѓе, фокусирајќи се на трудовата експлоатација и принудното питачење, меѓу пошироката јавност, вклучително и децата од маргинилизираните заедници. Една од целите на овој проект е зајакнување на институциите за навремен да ги идентификуваат, упатат и поддржат жртвите на трговија со луѓе и децата на улица.
Се очекува со оваа иницијатива да се зголеми мултисекторскиот пристап и соработката меѓу организациите како и да се започне отворен дијалог за практични решенија за спречување на различни видови на трговија со луѓе, особено принудното питачење.