Креаторите на топлината во нашиот дом – магијата на мебелот и ентериерот
- Детали
- среда, 04 јуни 2025
Домот е многу повеќе од функционална просторија. Тој е место каде што се будиме со насмевка, каде што споделуваме моменти со најблиските, каде што се создаваат најубавите спомени. Но, она што домот го прави посебен не е само љубовта, туку и просторот што ја носи таа љубов – просторот создаден со душа, дизајниран внимателно и изработен со прецизност.
Токму тука започнува приказната за оние кои го создаваат тој простор – студентите кои ги избираат студиите на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тие, покрај тоа што учат како да создаваат мебел и ентериер, учат и да градат атмосфера и топлина во домот.
Филип Петковски, еден од студентите на Факултетот, ни ја пренесе својата приказна.
„Ме привлече самата идеја дека може да студирам нешто што е и креативно и практично. Овој Факултет ми нуди можност идејата од хартија да стане вистински и употреблив производ. Тоа чувство – дека нешто што ќе го осмислиш, подоцна ќе го видиш изработено – е навистина посебно. Тоа започна уште од моето средно образование како техничар за мебел и ентериер каде што имавме практична работа. Мислам дека тоа и најмногу ме привлече да продолжам со мојата струка. Покрај тоа, ми се допадна што оваа струка секогаш ќе биде од големо влијание за нас – мебелот и ентериерот се дел од нашето секојдневие и влијаат на тоа како се чувствуваме и живееме“, наведе Филип.
Факултетот нуди две студиски програми на прв циклус: „Инженерство на мебел и дрво“ и „Дизајн на мебел и ентериер“. Првата е фокусирана на материјалите и инженерските процеси, додека втората ја развива креативноста и визуелниот аспект на дизајнот и уредувањето.
„И двете студиски програми се тесно поврзани со реалната продукција бидејќи студентите се вклучени во активности кои ги подготвуваат за работата во индустријата, користат опрема од факултетските лаборатории и соработуваат со професионалци од својата област“, објасни Филип.
Перспективите по студиите се охрабрувачки. Дипломците можат да најдат работа во компании за мебел, во дизајнерски и архитектонски студија, или во производствени погони, иако нивниот број е сè уште мал во земјата.
„Факултетот нè охрабрува и да размислуваме претприемачки – повеќето колеги веќе имаат отворено сопствени студија. Знаењето што го добиваме овде е применливо и на домашниот и на странскиот пазар“, истакна Филип.
Студентите, во текот на студиите, работат на различни вежби кои им помагаат да ги применат знаењата и да се подготват за идната кариера.
„Почнуваме од рачното цртање, па сè до користење на компјутерски програми за осмислување и цртање на простории“, посочи Филип.
Студентот нагласи дека Факултетот нуди простор, поддршка и алатки за идеите на креативците да станат реалност.
„Би им порачал да не се двоумат – ако имаат желба да создаваат, да цртаат, да осмислуваат простори и производи што ќе бидат дел од нечие секојдневие, тогаш ова е вистинското место за нив. Не мора да знаат сè од почеток – важно е да имаат љубопитност и отвореност за учење. Факултетот нуди простор, поддршка и алатки за тие идеи да станат реалност“, порача Филип, обраќајќи им се на идните студенти кои се двоумат дали да го одберат овој Факултет на нивниот кариерен пат.
Во секој мебел, во секој дизајн, се наоѓа желбата да се направи нешто повеќе од обична функционалност – да се создаде простор во кој ќе се чувствуваме „како дома“.