„Имам нови хобија – миење садови и перење“ – Џорџ Клуни открива како се справува со животот среде пандемија
- Детали
- среда, 24 февруари 2021
Во интервју за W Magazine Џорџ Клуни вели дека деновите му минуваат во миење садови и перење облека, а открива и што мисли за улогата во Batman & Robin - еден од неговите најлоши филмови.
Џорџ Клуни поголемиот дел од времето го минува дома, со сопругата Амал и нивните близнаци Александер и Ела. Во интервју за W Magazine, актерот открива колку е променет неговиот живот и како се снаоѓа со грижата за 4-годишните близначиња среде пандемија. Нормално, сето со доза хумор.
„Ќе ви кажам какви нови хобија имам – пуштање перална 2-3 пати дневно и миење садови по цел ден, бидејќи овие деца се мрзливи. Покрај тоа, требало и да ги бањаш децата одвреме-навреме“.
Како и многу други за време на пандемијата, и Џорџ Клуни почнал сам да си ја скратува косата, а некогаш го средувал и синчето. Сепак, немал дозвола да ја потстрижува ќерката.
„Само ќе си направам проблеми. Мојата ќерка е прекрасна – нејзината коса е многу долга. Ако ја уништам косата на син ми, ќе му порасне. Но сопругата ќе ме убие ако ја допрам косата на ќерката“.
Во интервјуто актерот прозборе и за неговиот најнов филм The Midnight Sky. Во филмот светот се соочува со апокалипса, па актерот открива како се сменило неговото сфаќање за приказната откако почна пандемијата:
„Кога почна пандемијата, филмот, во кој се случува глобална апокалипса, почна да испраќа нова порака. На почетокот мотивот беше каењето и барањето прошка. Но како што почна пандемијата, филмот стана приказна која ја прикажува нашата неможност да ги прегрнеме луѓето што ги сакаме“.
Актерот прозборе и за Batman & Robin, филм кој има добиено многу лоши критики.
„Тоа е ужасен филм и мојата изведба е ужасна. Јасно ми е, а и самиот се шегувам за тоа. Дотогаш бев само актер кој добива улоги. Кога ме прашаа дали сакам да го глумам Бетмен, секако дека прифатив. Но набрзо потоа сфатив дека и јас сум одговорен за филмовите во коишто се појавувам.
Почнав да сфаќам дека морам да се фокусирам и на сценариото. Следните три филмови после Batman & Robin поминаа многу добро и од ова научив што барам од кариерата и како да ги избирам улогите“.
На крај, на прашањето кој е најдобриот совет што го добил во животот, актерот вели:
„Тетка ми Розмари ми рече – никогаш не мешај вино и текила. Или вотка и шампањ. Имав 7 години кога ми го кажа ова. Во Кентаки нè учеа вакви работи уште кога бевме многу мали“.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





