Денес им велам збогум на твоите удари

Ти верував, од првиот ден кога ја зеде мојата рака и ме поведе кон олтарот. Ме занесе таа твоја насмевка и прстенот околу раката.

denes-im-velam-zbogum-na-tvoite-udari-01

Сакав да бидам бескопромисно твоја. Никогаш не пререков, многупати премолчив, многупати останав кога требаше да си заминам. Само затоа што безусловно верував во она што беше ти за мене, а ми беше сѐ.

Но денес, после сѐ, јас сум конечно силна да го спакувам мојот куфер и да заминам. Да оставам сѐ зад мене, едно минато кое требаше да биде исполнето со убави спомени, еден живот кој требаше да го живеам, но го живеев во темнина само поради тоа што дозволив ти да ме водиш низ тие тунели на безизлезот.

Додека редам работи во мојот куфер се прашувам како те истрпив. Како можев да бидам толку слепа на сите тие удари и на сите тие модрици по моето тело, како можев да верувам дека некогаш ќе се смениш. Зарем злото знае за преобразба?

Молчев и мислев дека си во право, секогаш ти дозволував да ме задржиш во твоите прегратки со лажни солзи и ветувања за подобро утре. Но, тука ништо не се менуваше, скапував без да имам можност вистински да го почувствувам животот. Бидејќи живеев без љубов, разбирање, каде што бевме јас и ти немаше соживот само заради тоа што ти така одбираше.

Се сомневаше во мене, во мојата љубов, од некои причини кои ни сам не ги имаше, а јас ги убедував сите дека сум се омажила од љубов. Се убедував и себеси иако се гушев во солзи додека ти ме испрашуваше со кого сум била и што сум правела.

Никогаш не те излажав, секогаш ти ја кажував вистината и секогаш добивав шамар или два. Можеби и клоца во стомакот ако паднев на земјата. Дали воопшто имаш срам? Дали имаш трошка човечност во тебе?

Зарем никогаш не те научија да бидеш џентлмен, нежен и мил каков што беше пред да ме земеш под „своја власт“, да имаш доблест, што видов во тебе кога те бакував? Зарем цело време бев замижана, што ми направи за целосно погрешно да те проценам? Зарем не те болеше душата секогаш кога ќе кренеше рака? Кое животно те воспитуваше?

Ми го растргна светот, но ги отворив очите. Никогаш не е доцна, за сите таму кои се кријат и измислуваат приказни за нивните повреди да знаат дека никогаш не е доцна за нов почеток. За да не останат во такво опкружување, да го спакуваат куферот како што јас сега го пакувам и да најдат излез од прегратките кои ги гушат.

Никој не заслужува да го има вашиот живот под контрола. Вие не сте објект, вие не сте стока на продажба. Вредите исто колку него, можеби и повеќе. Не дозволувајте вашиот живот да згасне додека тој се храни со вашата немоќ. Бидете силни и кажете доста е, колку и да ви звучи тешко можете да го изговорите.

После тоа целиот живот е поинаков, сѐ е полесно, целиот свет е поубав. Конечно ќе имам причина да се смеам, после толку солзи конечно ќе живеам.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
Александар Митевски за CRNOBELO лексикон: „Малку ми е незгодно кога во кафеана ќе засвират и некоја ... „Една работа за која се каам во кариерата се политички кампањи и политика. Со го...
Марко Новески за CRNOBELO лексикон: „Девојче ме бакна во IV одд. со јазик - цела ноќ имав нагони на ... „Моето среќно место е куќата во Струга и тие детски денови во Езерски лозја поми...
Откако станав мајка, многу работи ми се пеколно тешки, но никогаш повеќе не сум се смеела до солзи Откако станав мајка добив таков огромен товар на неочекувани обврски и незамисли...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg