Јас да си кажам што мислам! - Луѓе, зачини во секоја манџа

„Леле колешке ама си се здебелила, што така, па не беше ти волкава“. Зборови упатени наместо поздрав од извесна госпоѓица со која немам ништо заедничко, освен обично куртоазно здраво на 3-4 месеци, кога случајно чекаме лифт заедно.

jas-da-si-kazam-sto-mislam-lugje-zachini-vo-sekoja-mandza-1_copy.jpg

Јас луѓе сериозно не знам кој ви е проблемот и што точно ве поттикнува да давате вакви забелешки, кога не сте прашани. Еве кога, на пример, ја ценам искреноста, да те запрам во ходник, на улица и да те прашам јасно и гласно: Те молам кажи ми што мислиш, дали сум здебелена?

Во спротивно – кој те праша за мислење? 

Најтрагично е што оваа група на дежурни коментатори толку се гордее со себе и својата „искреност“ и „нелицемерност“, што прави да урлам од бес.

Луѓе-зачинки во секоја манџа, кои живеат со мотото „Јас да си кажам што мислам“.

Ама никој не ве прашува бе златни. Вашето мислење е интересно или корисно колку и бројот на овци во Австралија во учебникот по географија за 5-то одделение.

Ги гледаш насекаде, толку се очајни за внимание, толку сакаат да се истакнат со својата проникливост, чувството за детали и квази-детективскиот талент.

„Лицето ти е многу исфрлано, што така, м?“

Леле, еве не знам богу на забележувањето очигледни работи. Немам огледало дома, не сум слушнала никогаш за акни и препарати против истите. Само тебе те чекав да го констатираш ова, јас инаку целосно несвесна за изгледот на моето лице излегов да се измешам помеѓу народот.

Во духот на искреноста и нелицемерноста, еве како се одвива дијалогот во мојата глава, онака рафално искрен, дрзок и простачки како и твојата почетна констатација:

„Леле колешке ама си се здебелила, што така, па не беше ти волкава“.

„Мене барем фацата ми е убава за разлика од на некои. Се дебелееш и слабееш, ама фацата ти останува иста, а богами и тоа што го имаш, односно што го немаш во главата“.

Ете, така ми доаѓа да кажам. Искрено, нели.

Ама мене ми е просто незгодно. Имам порок, воспитана сум.

Мајка ми ме учеше дека луѓето не се ценат по надворешниот изглед и облеката. Не се ценат по тоа колку пари имаат. Не се ценат по клемпавоста на ушите и рапавоста на кожата на лицето, по бројот на килограмите или кривите или правите ноџиња.

Дека луѓето не се прашуваат за години, религиозна или сексуална определба, сè додека другиот соговорник сам не сака да го сподели тоа. Дека е непристојно да прашаш - колку пари заработуваш? Дали си мажена? Па кога планираш да се мажиш? Ќе раѓаш ли и зошто не?

Ако имаш да кажеш нешто убаво – сподели го, ако немаш – премолчи си. 

И најстрашно од сè, мене мајка ми ми всади во главата дека не е пожелно другиот да биде навреден, по никоја цена. Работава излегува, може и да те навредуваат и ти будалесто ќе се насмееш и ќе кажеш фала, па и ќе прашаш - а да не има и репете?

Работава – тебе да ти е незгодно зашто другиот е глупав и невоспитан!

Така некако нè воспитаа, скромни и понизни, да газиме на јајца, ококорено будни да не навредиме некого, макар тој нè навредил нас.

Затоа што ќе му го расипеш денот, ќе му ја намалиш самодовербата, ќе го натажиш, ќе го расплачеш. Не е човечки, тоа зборува за тебе и твојот карактер.

Затоа што не си ништо подобро од другиот ако навредуваш и ако си и ти дрзок.

Па така, на коментарот дека си се здебелил, возвраќаш фино и со насмевка – „Од маки колешке, од маки“.

Си одиш накај дома, разочарано и збунето, поврзувајќи ги сите детали околу твоето дебелеење, постбременост, хормони, болест, стрес, ногата што ти била во гипс, јадењето на цел фрижидер.

Денот предвреме ти се стемнил, твојата самодоверба се распаѓа како Европската Унија.

Важно колешката да е среќна и да не е навредена. И да се тупа во гради колку е искрена и нелицемерна, колку е карактер!

Поздрав искрени! Немојте да се лажете дека сте прекрасни или совршени. Искрени сте и јазикот ви е побрз од мозокот од пусти страв некој друг прв да не ви ги истакне мааните.

Позади целата таа фасада со брутална искреност ги криете сите ваши потиснати фрустрации, стравови и сомнежи кои ве парализираат. Затоа што освен давањето „искрени“ коментари кои никој и не ви ги побарал, немате што друго да покажете.

Во духот на вашето домашно невоспитување, еве едно најискрено, со црвена панделка:

Не си убава колешке. Не ти е убава душата.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Моќна поука која секој татко треба да му ја каже на својот син (како се цени жена) Си биле татко и син и тргнале по сладолед, но на патот дотаму таткото го научил ...
Сара Климоска за CRNOBELO лексикон: „Во основно бев златно дете со сите петки, а во средно ме фатија... „Лажев дека одам кај другарка ми во истата зграда и облекував пижами преку облек...
Откако станав мајка, многу работи ми се пеколно тешки, но никогаш повеќе не сум се смеела до солзи Откако станав мајка добив таков огромен товар на неочекувани обврски и незамисли...
Теа Трајковска за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж си помислив: ‘Ооо, па не било толку страшно’“ „Најчудната и најсмешната порака што сум ја добила на Инстаграм е: 'Те сону...
Не беше тука за мене, ама можам само да ти кажам – благодарам што ме остави сама... Не беше тука за мене кога се плашев, но можам само да ти кажам благодарам што ме...
Пријателке, бегај од луѓе кои носат мрак во себе! Пријателке, бегај од луѓе кои носат мрак во себе. Ти си светлина, но прифати дек...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg