Чекај сине, мама да земе плата. Ќе биде...

Мамо, мамо, возбудено врескам околу некоја мала сликовница, додека го лепам носето на стаклото од продавницата за играчки. Може да ја купиме, нели?

polovina-od-zivotot-ni-pomina-vo-cekanje-uste-kolku-01.jpg

Чекај сине, мама да земе плата. Ќе биде.

Мене таа реченица ми го одбележа детството, а бога ми и тинејџерството. Чекаме да дојде платата. Во текот на тоа жедно исчекување, дел од работите коишто ги сакаш ги подзабораваш. Дел од посакуваните шаренила уште тлеат во тебе, но немаш срце повторно да ги прашаш родителите.

Имавме многу осет како за мали деца, не досадувавме премногу. Прашуваш еднаш, не бидува, прашуваш уште еднаш, повторно не бидува. И сфаќаш дека веројатно нема ни да бидне. Па си се навикнуваш на ситуацијата. Зашто ако си многу досаден ќе пукне некое шлаканиче.

Така некако си навикнавме да чекаме. Да ги чекаме професорите кои доцнат за потписи и предавања. Да ги чекаме бавните службеници во институциите. Да чекаме со часови за лекарски преглед. Да чекаме со месеци исплата на заслужените стипендии.

Чекаме вработување, чекаме унапредување. Ја чекаме совршената љубов да ни тропне на вратата. Чекаме да се подредат сите коцки, па да правиме деца. А коцките никогаш не се подредуваат, додека ние со поглед кон небото и очи полни надеж трпеливо чекаме.

Го чекаме секој понеделник за почнување нова диета, ги чекаме најдобрите пријатели да се вратат од странство за да ни раскажат за животот што го живеат, а ние да правиме планови како ќе им отидеме наскоро на гости. Но, да почекаме, ене го први, платата кај и да е, ќе стигне.

Одеднаш сум возрасна, не сум повеќе она дете што се фиксирало за шарената сликовница. И повторно чекам. Секогаш, секаде, тапкам во место и чекам.

Се мразам себеси поради тоа. Го мразам фактот што се претопивме во улогата на дежурни чекачи, што го имаме сето трпение на светот, што времето лета со брзина на светлината и не се враќа, а ние не се откажуваме, упорно си чекаме.

Преку глава ми е! Му објавувам војна на чекањето. Немам повеќе трпение, немам повеќе пристојност во себе. Немам и што повеќе да изгубам, а тогаш кога лончето ти прекипува како да се будиш од некој лош сон и велиш – ова мора да престане!

Каде со самосожалувањето, каде со пасивноста, каде ќе стигнеме со помирувањето дека има и полошо?

Пред некоја недела слушнав особено добра реченица – Што сум чекал досега за да живеам? Вистинскиот живот започнува 30 минути пред смртта.

Не ни треба кобниот час за да започнеме да дејствуваме по малку. Нека чекањето стане минато. Може заложбите нема да променат многу, но можеби ќе променат сè!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„На моите деца не им треба идеална и совршена мајка, туку родител што ги сака“ „Не сум таква мајка каква што сакав да бидам. Не си легнувам рано за да можам да...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg