Само обични луѓе сме, а си создаваме притисок да бидеме совршени, што нè прави несреќни и депресивни

Притисокот да се изгледа совршено, да се биде успешен и среќен во денешниот свет е преголем. Инста-живот. Што студираше? На какви проекти имаш работено? Само на толку?! (изненадено и разочарано лице).

Samo-obicni-lugje-sme-01.jpg

Каде работиш? Колку заработуваш? Само тооолку?! (изненадено лице со олеснување, во ред е, заработувам повеќе од тебе). Да направиш сè, да стигнеш секаде, во сè да бидеш успешен. Да не покажеш знак на умор, на слабост. Да не направиш грешка.

Да бидеш експерт во избраната професија, да градиш кариера. Напорно да работиш за да обезбедиш покрив над главата. Да го уредиш модерно домот, по можност скапо и со многу вкус. Да возиш солиден автомобил.

Редовно да вежбаш, да спортуваш, по можност барем еден екстремен спорт. Да изгледаш одлично, да се храниш здраво, да се облекуваш стилски, да поседуваш десетина брендирани парчиња облека и скапи очила колку третина од твојата месечна плата.

Едноставно е, аман пак и вие - да имаш живот како од сликовница. Секој ден насмевки и мотивациски цитати додека не ти се приповраќа.

Дури и нешто да не ти штима во животот, да си го проголташ разочарувањето како горчливо апче и да си продолжиш со глумата. Семоќен си, можеш сè, само доколку го визуализираш нештото и силно го посакуваш.

Да бидеш фит, го споменавме тоа? (едно три пати досега, но еве повторно). Да бидеш во трката со другите мајки коишто родиле, која побрзо ќе се врати во форма.

Да бидеш во трка со другите пријатели, кој заработил повеќе, кој прошетал подалеку. Не си отишла никаде последниве 3 години, леле колку си заостаната.

И згора на сè, да бидеш постојано активен на друштвените мрежи. И во тек со сите можни настани и новости. Твојот дијапазон на интереси и лични успеси е практично бесконечен – 4 хобија, 3 тетоважи, 2 деца, 1 брак. И милениче.

А вистината е дека никој суштински не им се посветува на нештата. Во поголемиот дел од нив воопшто и не уживаме. Ама модерно е, ајде сите да ги јавнеме велосипедите и да ги искачиме сите планински врвови и ридови.

Не дека има нешто лошо во тоа, напротив. Но, општеството и самите ние си создаваме притисок да бидеме 100% успешни во сè што ќе намислиме. Вистината е дека не нè бидува за сè, ниту пак имаме време и нерви.

Кој воопшто го бара тоа од нас? Каде со закон е пропишано дека мора да ги исполниме денот до последната секунда, однесувајќи се како истиот да трае 52 часа, кога брои само 24?

Најлошото е кога ги осудуваме другите околу нас. Оние коишто немаат желба, ниту пак можат да постигнат сè од горенаведеното.

„А што, ти не готвиш секој ден ручек? Не му правиш домашни, здрави кашички на бебето? Не ги пакуваш сама подароците? Не вежбаш? Немаш бомбастичен секс како од филмовите? СРАМ ДА ТИ Е!“

Па така завршуваме со нервози, со стресови, со дополнителни фрустрации, со чувство на срам и незадоволство од себеси. Изгледа како на сите да им оди подмачкано, само ние се мачиме како риби на суво, со ментална дијагноза од која ви избегал секој психијатар.

А вистината е дека секој од нас е длабоко несреќен и помалку или повеќе депресивен. Прашањето е само колку го споделувате ова со најблиските, колку добро умеете да се преправате и како се соочувате со проблемот.

Не готвам секој ден. Не се хранам секогаш здраво. Не ми се вежба 5 пати во неделата. Во одредени периоди домот ми е хаос, ништо чудно да излезе некое глувче од купиштата несредени алишта.

Некои денови ми е претешко дури и да се истуширам. Не ми е дојдено до извештачени насмевки и куртоазни муабети. Косата ми е несредена, нанесувањето шминка ми е напорно и болно. Ми доаѓа да врескам и да плачам. Чувствувам дека не сум доволно добра, дека сум неуспешна, дека не можам да (по)стигнам сè и секаде.

И барам луѓе кои се подготвени да го признаат истото. И да не ми даваат мотивациски цитати со кои си го пумпаат егото и си создаваат лажна слика на совршеност и среќа. Во ред е да се признае вистината, полошо е кога се фасадираме со залажувања и лаги. Лагите се тие коишто ќе нè убијат.

Во пустата трка да бидеме што поуспешни, побогати, понашетани, поскапо облечени, позгодни, заборавивме да бидеме вистински среќни и пред сè да бидеме она што сме – обични луѓе.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg