„Ослабев 50kg со Оземпик - кога престанав да го користам, си ги вратив килограмите за 4 месеци“
„Јас сум меѓу првите луѓе во Британија кои користеле Оземпик. Почнав во 2022-ра, кога имав 122 килограми. Но, кога престанав, се здебелив околу шест килограми за само еден месец. За четири месеци, веќе имав 95 килограми“.

Оземпик е лек за дијабетичари кој изминативе година-две веќе почна да се користи и како помагало за слабеење.
На пазарот се појавија и други брендови со истата активна состојка, а покрај познатите, почнаа да ги користат и „обичните“ луѓе.
И, иако е очигледно дека дава резултати, ново истражување покажало дека Оземпик и сличните лекови можат да предизвикаат и таканаречен „јојо ефект“.
Односно, штом ќе престанат да го земаат лекот, луѓето брзо може да ги вратат килограмите ако не внимаваат на исхраната.
Според истражувањето спроведено на Универзитетот Оксфорд, оние кои слабееле со лекови како Оземпик може да си ја вратат тежината, и тоа четирипати побрзо отколку луѓе кои слабееле со диети и вежбање.
„Инјекциите и апчињата како Оземпик можат да бидат ефикасна алатка, но не се волшебно решение и едно од најчестите прашања на луѓето е што ќе се случи кога ќе престанат да ги користат.
Искрениот одговор е дека можно е да вратат дел од тежината ако одеднаш престанат да ги земаат и ако не ги променат животните навики.
Овие лекови можат да го регулираат апетитот, па кога ќе престанат да се земаат, ќе врати и чувството на глад“, вели експерт кој работел на истражувањето.
За The Sun, неколку луѓе кои ослабиле со помош на Оземпик и слични лекови ги споделуваат своите искуства.
Рози Парсонс од Англија ослабела дури 50 килограми со помош на Оземпик. Но, кога прекинала да го зема, се здебелила речиси 20 килограми.
Потоа почнала да користи лек од друг бренд, Mounjaro, но кога му ја зголемиле цената, веќе не можела да си го дозволи.
„Јас сум меѓу првите луѓе во Британија кои користеле Оземпик. Почнав во 2022-ра, кога имав 122 килограми. За само десет месеци ослабев 50 килограми.
Но, кога престанав да ги користам инјекциите, се здебелив околу шест килограми за само еден месец. За четири месеци, веќе имав 95 килограми.
Тогаш сфатив дека мојот проблем е огромна желба за храна со шеќери предизвикана од хормонална нерамнотежа“.
Денес Рози има околу 95 килограми и вели дека постојано почнува диети и се откажува и како да нема контрола.
