Луѓе од Лондон мака мачат со инфлуенсерките: Се фотографираат пред нивната куќа, оставаат ѓубре, ги оштетуваат растенијата
„Почнаа да доаѓаат инфлуенсерки и луѓе со професионални фотографи. Си носат преносни соблекувални и столчиња и го зафаќаат целиот тротоар. Некои доаѓаат со кучиња и прават цел излет, а ако се собрала група, ни оставаат и ѓубре“, раскажува жена од Лондон чија куќа станала Инстаграм сензација поради растението глицинија.

Во Западен Лондон има елитна населба каде што живеат богаташи, а во дворовите на некои куќи има посадено глицинија.
Но, наместо самите да уживаат во глетката од цвеќето, тие станале мета на инфлуенсерки кои им го окупираат просторот пред куќата за да се фотографираат.
Инфлуенсерите почнале да доаѓаат во групи, со автобуси, а некои носеле и екстра облека, додека други си носеле столови за цели фотосесии.
Имало луѓе кои правеле и свадбени фотографии.
Глицинијата цути околу три недели во пролет и ова е периодот кога инфлуенсерите организираат и тури низ Лондон каде што ги има овие дрвја.
Жена која живее во една од куќите со глицинија вели дека прво била пријатно изненадена за интересот.
Нејзиниот дом, во кој живее 25 години, не привлекувал внимание сè до пандемијата и на почетокот луѓето доаѓале само да ги видат цветовите и да направат по некоја фотка, како најобични туристи.
„Беа учтиви, пријателски настроени. Само им велев да не ги допираат растенијата бидејќи се оштетуваат и им се кршат гранките.
Мислам дека нашата куќа била споделена од некои азиски инфлуенсери, бидејќи доаѓаат многу Јапонци. Но, тие секогаш покажуваат почит.
Проблемот е што почнаа да доаѓаат инфлуенсерки и луѓе со професионални фотографи. Си носат преносни соблекувални и столчиња и го зафаќаат целиот тротоар.
Некои парови позираат пред нашата влезна врата за свадбени фотографии. Некои доаѓаат со кучиња и си прават цел излет, веднаш пред нашиот дом.
Ако се собрала голема група, често оставаат ѓубре кое ни треба да го чистиме. Некогаш и ги оштетуваат растенијата, а ова не ми се допаѓа“, открива жената за Daily Mail.
Чистачката на семејството вели дека секој ден има толпи луѓе пред куќата.
Од Daily Mail поразговарале и со неколку луѓе што ги затекнале како се фотографираат пред куќата.
Млада девојка од Украина која само оддалеку ги гледала цвеќињата, споделила дека дознал за куќата на ТикТок.
„Имав слободен ден и сакав да го поминам надвор бидејќи времето е убаво. Ги видов цвеќињата на ТикТок, а видеата ја покажуват и нивната локација“.
Друга девојка вели дека патувала цел час со дечко ѝ за да се фотографира со растението.
„Ја видов куќата на Инстаграм и морав да ја видам и во живо. Многу ми се допаѓа. Мириса прекрасно и целото искуство е многу позитивно“.
Спирова С. | Црнобело