Филип од Скопје е модел со впечатлив стил - Омилена му е јакната од американската морнарица, наследена од дедо му
„Приватно гледам да сум комотен во облеката, но да изгледам чисто и во тек со модата. Додека, за настани и за фотосесии, спремен сум да одам до екстремност“, вели за CRNOBELO.com Филип Додевски, кој неодамна облече и фустан за фотосесија.

Филип Додевски (26) од Скопје целиот свој живот живее во населбата Бутел. Работи како модел, спортува, а толку е добар во спортот што 16 години беше дел од македонскиот национален таеквондо тим.
Но денес е првенствено посветен на моделингот, професија за која вели дека е исполнување на неговиот сон.


Неговиот стил е урбан, дополнет со впечатливи тетоважи.
Во разговор за CRNOBELO.com вели дека кај нас многу повеќе внимава како ќе се облече, отколку кога оди на патување. Ни призна и дека секогаш внимава на стилот кога оди на настан, но дека приватно преферира полежерни парчиња.


За својот моден стил, љубовта кон модата, но и за кожената јакна што ја наследил од дедо му, а која за него е бесценета, ни раскажа во разговорот:
„Модата е присутна во мојот живот од моите рани години. Отсекогаш сум сакал да се изразам малку повеќе и сфатив дека тоа можам да го правам преку облеката што ја носам, начинот на кој ја стилизирам мојата коса, а подоцна во животот да го претворам моето тело во „платно“, вклучувајќи ги тетоважите и пирсовите.
Инспирацијата сум ја црпел многу од аниме, јапонската и корејската култура, од луѓето околу мене и моите дома.
Мојот моден стил би го опишал како алтернативно-елегантен, перфектен микс од двете. Можам да кажам дека во мојата колекција доминираат аксесоарите, иако гледам да не се фиксирам на една работа специфично.


Омилено парче облека ми е коежната јакна од U.S Navy, која ја наследив од мојот дедо - многу ретко парче од американската морнарица.
Една од омилените работи за ова парче ми е тоа што има слика внатре на јакната, од полугола девојка со писмо кое гласи: Good Luck (Со среќа)!
Исто така, омилени ми се и мартинките со челик (Dr. Martens), коишто ги купив со мојата прва плата пред 7 години.

